Работодавачи: Зголемувањето на минималната плата ќе ја зголеми сиромаштијата и ќе создаде нови социјални случаи

од Vladimir Zorba

Работодавачите се подготвени да преговараат околу  методологијата на усогласување на минималната плата, но не и за износот кој го бара ССМ. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи за „Локално“ потврди дека овој став ќе биде презентиран и во среда, на седницата  на економско- социјалниот совет.

Не прифаќаме некој да лицитира со бројки за минималната плата, туку сакаме разговори врз база на аргументи, бројки и статистики показатели. Станува збор за исклучително чувствителна тема, и тука не се работи за желби“, вели Димитров.

Според него, минималната плата кај нас веќе изнесува 52% од просечната плата  и доколку таа се определи на повисок износ ќе предизвика негативни реперкусии во државата. Предупредува дека ефектите ќе се почувствуват не само преку влијанието на рентабилноста и конкурентноста на компаниите во однос на нашите и особено странските пазари, туку ќе  дојде и до намалување на бројот на вработени.

Наместо да ја намалуваме сиромаштијата, на овој начин ќе  ја зголемиме и ќе создадеме нови социјални случаи“, посочува Димитров.

Во целата ситуација тој се надева на поголем слух од страна на Владата, бидејќи како што вели, по завршувањето на изборите, доаѓа период на освестување и соочување со нови предизвици. Повикува на голема внимателност при евентуално утрдување на нова методологија на усогласување на висината на минималната плата. Постоечката го утврдува износот врз основа на една третина од порастот на БДП, една третина од порастот на инфлацијата и исто толкав процент од порастот на просечната плата. Каква било друга опција на пресметување според Димитров треба да го земе предвид искуството од голем број други држави кои имаат ограничување, односно не дозволуваат минималната плата да ја пречекори границата од 50% од просечната плата.

Димитров ја отфрла како паушална и анализата која ССМ ја изработи неодамна, а чии резултати покажуваат дека зголемувањето на минималната плата на износ од 18.000 денари нема да има негативни ефекти.

Се анализира порастот на платата од 10.000 на 12.000 денари во кој беше  реализиран во септември, односно се однесува на последните четири  месеци од 2017 година, и потоа се споредува со платата во 2018 година.Паушален е и заклучокот дека зголемувањето на минималнат плата во тој период не предизвикал негативни последици по бројот на вработени во тој период , па оттука нема ни сега “, вели Димитров.

Тогаш според него, минималната плата изнесувала 40% од просечната, а дополнителен отежнувачки факт е и тоа дека сега, во 2022 година владее нова состојба на пазарот на труд но и голема енергетска криза.

К.В.С.

Слични содржини