Рација на полицијата во домовите на Груби и Бајрами

од Nikola Popovski
217 прегледи

Полицијата утрово извршила рација во неколку домови, поради сомнение за сторен организиран криминал во Државна лотарија. Според информациите, полициските сили упаднале во куќата на екс-вицепремиерот и член на ДУИ, Артан Груби, но тој не бил пронајден во моментот.

Истото се случило и кога полицијата упаднала во куќата на поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами. Исто како и Груби, и тој не бил во својот дом и дека ја напуштил земјава пред извесен период. Сепак, неговите роднини дале ветување дека ќе се врати.

Како што објавија дел од медиумите, во домот на Бајрами била пронајдена и поголема сума на пари.

Во текот на денот, МВР треба да одржи прес-конференција на која ќе се изнесат повеќе детали околу акциите на полицијата.

Откако вчера во медиумите проструи информација дека поранешниот вицепремиер побегнал од земјата преку граничниот премин Блаце и се упатил кон Косово, Груби демантираше. Како што објави синоќа на социјалните мрежи, тој отпатувал во приватна посета и бара од јавноста да не шпекулира.

„Редовно патував со моите патни исправи и за тоа беше информирано моето лично полициско обезбедување. Штом ќе завршам со обврските се враќам дома кај моето семејство“, се вели во објавата на Груби.

Груби минатата недела се повлече од јавниот живот, тврдејќи дека е чист како солза, но дека не сака да биде товар на партијата. Стејт департментот именуваше 14 нови лица на американската „црна листа“, меѓу кои и поранешниот вицепремиер и висок партиски функционер на ДУИ, како и судијата Енвер Беџети.

Слични содржини