„Антиевропското однесување на некои политичари во Северна Македонија и односот кон нашата земја на ниту еден начин не им носи придобивки и ги оддалечува од нивното членство во Европската Унија“, вака претседателот на Бугарија, Румен Радев ја коментираше изјавата на претседателот Стево Пендаровски за македонското малцинство кај нашиот источен сосед.
Според него, „очигледно некои политичари во Северна Македонија се обидуваат да ја дознаат реалноста на потешкиот начин“.
-Тоа не им прави ништо добро. Напротив, досега имаа доволно поводи и настани за да се убедат дека нивното антиевропско однесување и однос кон нашата држава на ниту еден начин не им носи придобивки и ги оддалечува од нивното членство во Европската Унија, изјавил вчера Радев.
Од Кабинетот на Пендаровски пред четири дена порачаа дека постоењето на македонското малцинство во соседната држава е факт. Ова следува како реакција на објавите во бугарските медиуми дека тамошното МНР ја повикало на разговор македонската амбасадорка во Софија поради, како што велат, „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Бугарија“.
Пендаровски е дециден дека потребна е конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања.
Според официјалните софиски власти, „овие напори на Бугарија не се разбрани и не ги ценат одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како изговор за недостигот на напредок пред граѓаните“.
Пендаровски во гостување на дебатна емисија, ја појасни својата претходна изјава дека доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да ја натера Бугарија да го промени Уставот за во него да го вклучи македонското малцинство во државата, тој ќе стане член на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ми пречи кога некој ги лаже луѓето со години. Излегува дека „тие се неспособни, а ние не само што ќе ја смениме рамката за преговори, туку ќе ги вклучиме и Македонците во бугарскиот Устав“. Зошто утре, ајде денес да ги впишеме Македонците во бугарскиот Устав – нашето малцинство кое е малтретирано со децении, најмалку 70-80 години, поминало низ страшни маки и голгота, но кажете ми каков е тој магичен начин? Како ќе ги внесете во Уставот? Преку владата? Во бугарската влада денес клучен фактор е Бојко Борисов кој го потпиша Договорот за пријателство и добрососедство во 2017 година. И сега овој човек треба да каже дека овој договор не постои, ајде да направиме нов подобар за Македонците? Не верувам во тоа. И морав на ВМРО-ДПМНЕ на таков пародичен начин да им кажам дека не лажат, гледајќи не во очи. За да ги вклучиме Македонците во бугарскиот устав мора да се смени целосно затоа што во него нема малцинства. Не мислам дека светските сили можат да го сменат бугарскиот Устав како што мисли опозициската партија, која смета дека е фактор број еден во светот, рече Пендаровски за политиките на најголемата опозициска партија во земјава.