Радев го свикa новото Бугарско собрание: Кој ќе ја состави владата?

од Nikola Popovski

Бугарскиот претседател Румен Радев потпишал указ за свикување на новоизбраното 45-то Национално собрание на првата седница на 15 април 2021 година, во 9:00 часот, објави прес-службата на шефот на државата. Утре на 14 април се очекува указот да биде објавен во вонредно издание на Државниот весник, се додава во соопштението.

Претседателот го потпишал указот откако резултатите од парламентарните избори на 4 април беа објавени во Државниот весник.

Радев веќе изјавил дека нема намера да ја одложува уставната постапка за свикување на Националното собрание и консултации со шесте парламентарни партии пред да го додели мандатот за формирање влада.

„Правилно е во ситуацијата во која се наоѓаме, час-поскоро да имаме јасност и се надевам стабилна, оперативна влада“, рекол претседателот.

По свикувањето на првиот состанок, претседателот ќе одржи консултации со партиите претставени во парламентот. После тоа, шефот на државата ќе го предаде мандатот за формирање влада на најголемата парламентарна група -ГЕРБ.

Партијата на Бојко Борисов вчера објави дека ќе предложат кабинет и покрај малите шанси тој да биде формиран и поддржен.

Доколку ГЕРБ не успее да формира влада, претседателот ќе ѝ го предаде истражниот мандат на втората по големина партија на Слави Трифонов, „Има таков народ“.

Ако и таа не успее да формира влада, шефот на државата дава можност да формира кабинет на парламентарна група по негов избор.

Слични содржини