Радев и Герџиков на дебата: Вратата за Македонија за преговори останува затворена

од Nikola Popovski
310 прегледи

Кандидатите за претседател на Бугарија, Румен Радев и Анастас Герџиков имаа телевизиски дуел пред вториот круг од претседателските избори. Двајцата истакнаа слични ставови во однос на темата Македонија и спорот со нашиот источен сосед.

Радев го повтори својот претходен став.

-Јас многу јасно го кажав нашиот национален став во Љубљана. Се шпекулира дека ќе направам компромис и ќе ја отворам вратата за преговори. Бугарија не може да каже „да“ пред да престане кршењето на човековите права на Бугарите во РСМ, пред да се запре систематската дебугаризација, пред да престане да се уништува и фалсификува бугарското културно наследство и пред да се искорени говорот на омраза, одговорил Радев на прашањето на водителката.

Според Радев, ЕК и Европскиот совет не се согласуваат да станат гаранти на преговарачката рамка и на поглавјето 35, на што инсистира Бугарија.

-Во моментов вратата за почеток на преговорите за РСМ со ЕУ ќе биде затворена, додаде тој.

Според Герџиков, потребен е друг пристап, но целосно од македонска страна.

-Бугарија сака само да се почитува Договорот за добрососедство, да се почитуваат правата на Бугарите, да се престане со говорот на омраза, да се подобри транспортната поврзаност. Бугарија го направи патот до границата со Македонија, но од другата страна нема ништо и покрај европското финансирање, вели кандидатот за претседател од коалицијата ГЕРБ-СДС.

Според него, бугарско-македонската мешовита комисија не е историска.

-Нејзината цел е да не дозволи во учебниците да се кажуваат лаги за Бугарија. Мора да инсистираме на почитување на Договорот, бидејќи има консензус во општеството, Националното собрание и партиите. Јас сум дел од тој консензус. Замената на оваа позиција во име на признавање на Бугарите и економските прашања се загрижувачки, рече Герџиков.

На прашањето дали треба да има референдум за Македонија, двајцата одговорија дека тоа не е потребно бидејќи имало општествен консензус на таа тема.

Слични содржини