Радев: Најмалку десетпати го поканував Пендаровски да дојде во Софија

од Nikola Popovski
153 прегледи

Во последните години најмалку десет пати го поканував претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски да ја посети Бугарија. Вака денеска изјавил бугарскиот претседател Румен Радев, коментирајќи ги изнесените ставови од страна на шефот на македонската држава, Стево Пендаровски.

-Во октомври, при отворањето на интерконекторот со моја помош пред претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, РСМ доби финансиска помош од ЕУ за набавка на струја, додал Радев.

Радев истакнал дека токму тој прв го покренал прашањето за македонските Бугари.

-Јас бев личноста која успеа да соработува со сите европски лидери и институции за влезот на македонските Бугари во Уставот на РСМ да стане задолжителен услов за почеток на преговорите за влез во ЕУ, рекол бугарскиот претседател пред новинарите во Софија.

-Се надевам дека претседателот на РСМ ќе сфати дека тоа ќе и помогне на неговата земја да раскине со идеологиите на тоталитарното минато и да тргне кон демократизација на државата, порачал Радев.

Пендаровски вчера во интервју за ТВ Сител, меѓу другото изјави дека во изминатите две години немал ниту еден конструктивен разговор со Радев, потенцирајќи дека, според него, не постои клима на добрососедство.

Слични содржини