„Бугарија е подготвена да помогне во евроинтеграциите на РСМ каде што недостигаат знаење и политичка волја“, изјавил вчера претседателот на источниот сосед, Румен Радев пред новинарите во Атина, по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Според него, Бугарија и Грција треба да ја интензивираат работата на стратешките проекти во областа на енергетското и транспортното поврзување. Радев ги истакнал одличните односи на највисоко политичко ниво меѓу двете земји, за кои се вели дека биле изградени во последните години и придонеле за активирање на голем број значајни економски проекти.
Шефот на бугарската држава се осврнал и на изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски која ја даде за Договорот за добрососедство, за што рече дека тој е веќе репреговаран со додавањето на т.н. француски предлог, поради што, според него, не гледа причина зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ.
-Процесите што се случуваат во Република Северна Македонија забрзано ја оддалечуваат земјата од нејзината европска интеграција и ги загрижуваат и Бугарија и Грција, коментирал бугарскиот претседател.
Радев изразил разочарување што, како што вели, државниот врв на РСМ јасно покажал недостиг на знаење во клучните области и недостаток на политичка волја за постигнување напредок во европските интеграции.
Според бугарскиот претседател, познавање на меѓународното право е неопходно, бидејќи кога се потпишува меѓународен договор, тој мора да биде спроведен од сите наредни влади, а не да се ревидира.
Според Радев, „на властите во Скопје им недостига познавање по уставно право“.
-Моделот на бугарскиот Устав и на оној на Република Северна Македонија се многу различни – нивниот ги заштитува колективните права, додека моделот на на нашиот Устав ги почитува индивидуалните права. Очигледно немаат познавања и во однос на европското законодавство за тоа, дека кога има заклучоци на Советот, усвоени со консензус, тие не се објект на пазарења, туку треба да се исполнуваат, рекол Радев.
Потребно е познавање на статистиката, како што рече шефот на бугарската држава, односно дека најмалку 120 илјади граѓани на РС Македонија добиле бугарско државјанство, посочи, врз основа на докажано потекло со документи.
-Треба да има елементарно знаење во однос на човековите права, бидејќи во Бугарија не тепаме луѓе кои изразуваат различен идентитет, не пукаме во нивните клубови и ги палиме, не ги држиме подалеку од никакви позиции во администрацијата, истакнал бугарскиот претседател.
„Преспанскиот договор е реалност и дел од уставниот и правниот поредок на земјата, а Договорот за добрососедство е веќе репреговаран, со додавањето „француски предлог“, од кои произлегуваат уставните измени“, рече премиерот Христијан Мицкоски кој инсистира на репреговарање на тој договор и додавање на нов т.н. француски предлог. Со ова шефот на Владата ја коментираше изјавата на американската амбасадорка која посочи дека двата договори се завршена работа и нема ново преговарање за напредок кон ЕУ.