Сега веќе поранешниот претседател на Бугарија, Румен Радев, во интервју за германското издание „Берлинер Цајтунг“ зборувал дека неговото влегување во парламентарната политика е како одговор на повикот на бугарските граѓани и нивните очекувања Бугарија да стане демократска, модерна и слободна европска држава, како и за забрзана европска интеграција. Тој во своето интервју, меѓу другото, говорел и за европскиот пат на Македонија и односите на релација Софија-Скопје.
Радев повторил дека според европскиот консензус од јули 2022 година (францускиот предлог), Македонија мора да го промени својот Устав и да ги вклучи Бугарите рамноправно со другите народи во Преамбулата и само тогаш може да започнат преговорите за членство во ЕУ.
„Ова е тежок, но неопходен процес и би сакале да ја видиме РСМ во ЕУ што е можно поскоро. Не сакаме граници и гранични контролни пунктови, туку сакаме луѓето од двете страни на границата да можат слободно да живеат, работат и комуницираат заедно“, вели Радев во интервјуто, пренесуваат бугарските медиуми.
Екс-претседателот истакнал и дека на Украина ѝ е потребна поддршката од Бугарија.
„Но, постојат јасни критериуми за членство – Копенхашките критериуми. Земјите од Западен Балкан чекаат со децении и минуваат низ тешки реформи. Не смееме да ги заборавиме. Ако брзаме во Украина, ризикуваме да ги поткопаме принципите на ЕУ. Кој и да ги исполнува критериумите, прво треба да биде примен“, порачал Радев.