Радуловиќ ги негира обвинувањата по кривичната пријава од МВР

Поранешната македонска ракометна репрезентативка Валентина Радуловиќ јавно ги отфрли обвинувањата против неа, откако Министерството за внатрешни работи денеска поднесе кривична пријава за нејзино наводно инволвирање во незаконски дејствија поврзани со издавање лични документи.

од desk4
35 прегледи Фото: МВР

Поранешната македонска ракометна репрезентативка Валентина Радуловиќ јавно ги отфрли обвинувањата против неа, откако Министерството за внатрешни работи денеска поднесе кривична пријава за нејзино наводно инволвирање во незаконски дејствија поврзани со издавање лични документи.

Во објава на социјалните мрежи, Радуловиќ наведува дека категорично ги негира тврдењата за учество во какви било незаконски активности, појаснувајќи дека станува збор за лична порака упатена до пријател вработен во МВР, со цел итна помош за издавање пасоши на блиски лица во период кога постоел застој во постапките, на почетокот на 2024 година.

Според неа, таа пријателска ургенција била злоупотребена и погрешно интерпретирана како нејзина инволвираност во незаконска шема. Радуловиќ нагласува дека доколку навистина постои постапка во која се наведува нејзино учество, подготвена е тоа да го докаже пред која било надлежна институција.

Од МВР, пак, информираат дека Радуловиќ се сомничи заедно со двајца полициски службеници и еден пожарникар за примање поткуп од граѓани, на кои наводно им овозможувале побрзо издавање лични документи.

Според официјалното соопштение, осомничените во периодот од февруари до април 2024 година, по претходен договор, воспоставиле организирана шема за посредување при издавање лични карти, пасоши и возачки дозволи, со цел стекнување противправна имотна корист. Наводно биле утврдени јасни улоги, цени и начин на постапување, со што, како што наведува МВР, бил нарушен принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги.