Рајчановски: Во Скопје владее невиден хаос во такси дејноста, а Бектеши бара да се намалат цените

од Vladimir Zorba
1,1K прегледи

Групацијата на таксисти на Град Скопје го отфрла како нелогичен повикот на Министерот за економија Крешник Бектеши, да се намалат цените на такси-превозот и на меѓуградскиот автобуски транспорт.

Се согласуваат дека во последниов период е намалена цената на дизелот и другите нафтени деривати, но зголемени се цените на сите други придружни трошоци за вршење на дејноста заради кои како што велат не е можна надолна корекција на цената.

„Цената на такси превозот беше зголемена за 20-тина проценти пред неполна година и тоа беше прво зголемување во последните 12 години. Од 2011 г. до денеска, покрај цената на горивото, се зголемија и цените на резервните делови и цените за сервисирање на возилата. На граѓаните можеби им изгледа скап такси-превозот бидејќи користат такси возила кои работат со диво наштелувани таксиметри и со телефонски апликации. Уверуваме дека доколку  се расчисти ситуацијата со дивите таксисти,  скопјани ќе бидат презадоволни од постоечката, регуларна цена. Она што треба да го прават е да избегнуваат таксисти кои немаат налепница на таксиметарот за 2023 година“, вели за „Локално“, Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на таксисти на Град Скопје.

Сашо Рајчановски

Сашо Рајчановски

Отсликувајќи ја состојбата со такси превозот во градот, Рајчановски посочува дека во моментов низ скопските улици возат поголем број диви такстисти отколку лиценцирани.

„Колку таксисти се казнети бидејќи работат со диво штелувани таксиметри и воопшто немаат фискални таксиметри со што директно удираат по џебот на корисникот на таксиуслугата? Колку диви таксисти се отстранети од сообраќајот, на колку пензионери им е одземена пензијата бидејки непријавено работат како таксивозачи и ја поттикнуваат нелојалната конкуренција? Колки компании  се казнети затоа што не ги пријавиле своите возачи? Наш најголем проблем е инспекцијата. Ако таа функционира и врши надзор нема да се повторува ова. Сега возат плави, жолти возила низ град. Секој ден ги има по улиците. И да ги стопира инспекцијата, не знаеме дали воопшто некој ги кзнува. И во ваков невиден хаос во такси дејноста, министерот бара да се намали цената во автотранспортот меѓу кој и во такси дејноста? Немам коментар навистина“, вели Рајчановски.

Според него, од решавање на проблемот со дивите таксисти и нивно ставање во системот, корист ќе имаат и граѓаните и буџетот а ќе се намали и сообраќалниот метеж низ градот.

„Ако се расчисти градот од дивите таксисти, ќе имаме помало загадување на воздухот во Скопје. Што значи тоа низ бројки? 2000 диви таксисти секој ден трошат околу 24 тони гориво, тоа е како една голема цистерна со гориво.Замислете ако тоа се стави во еден оџак, ќе биде црнилиште. Ако нема непријавени такси возачи и ако инспекцијата излезе на терен, за многу кратко време ќе бидат пријавени околу 1200 луѓе за кои ќе се плаќаат придонеси во буџетот.Ова сигурно добро го знае министерот Бектеши“, објаснува претседателот на Групацијата на таксисти на Град Скопје.

Проблемот на таксистите со условеноста на жолтите таблички и лиценцата за работа кој Групацијата го достави како барање до сите надлежни органи, е делумно решен. Според Рајчановски Секторот за сообраќај и МВР дошле до решение со кое привремено се откочува заглавениот процес на издавање жолти таблички  се додека не се смени законот.

Министерот Бектеши пред неколку дена рече дека е логично да се случи намалување во делот на цените на транспортот и повика, за дејноста за кое е надлежно Министерството за транспорт, да се дејствува исто како со замрзнување на цените на дел од прехрамбените производи. Во моментов цената на такси превоз за старт е 50 денари а за секој изминат километар е 30 денари.Старата цена беше 40 денари старт со 25 денари изминат километар.

К.В.С.

Слични содржини