Рајт го повика Венгер да го напушти Арсенал

од Vladimir Zorba
313 прегледи

Поранешниот напаѓач на Арсенал, Иан Рајт изјави дека менаџерот на тимот, Арсен Венгер треба да го напушти клубот на крајот на сезоната.

Арсенал се наоѓа на цели 27 поени зад лидерот во Премиер лигата Манчестер Сити, двата тима играат едни против други во четврток, а во неделата, „граѓаните“ ја растурија селекцијата на Венгер со 3:0 во финалето на Лига Купот на Англија.

„Венгер постојано се оправдува. Не сум јас човекот кој треба да каже дали тој треба да остане по крајот на сезоната, или не, но факт е дека тоа однесување треба да прекине“, вели Рајт за Би-Би-Си.

Венгер го води Арсенал 22 години, но за последен пат „топџиите“ ја освоија титулата во 2004 година, а триумф во Лигата на Шампионите така и не дојде.

„Сакам да го видам Арсенал повторно да биде кандидат, да може да потпишува со водечките играчи и тоа да ги тера навивачите да се возбудуваат. Сакам некој во одборот на директори да ја преземе одговорноста за тоа“, додаде Рајт, кој има 213 натпревари за Арсенал за период од 7 години.

„Не знам колку долго ќе му треба на клубот да се врати на претходните резултати, но очекувам да се барем неколку години. Секој од тимовите во топ 5 се развива со секоја измината година, додека Арсенал оди во спротивна насока. Ќе биде долг пат назад кон врвот“, рече уште 54-годишниот Рајт.

Слични содржини