Рама од Софија: Албанија нема да се „меша“ во македонско-бугарскиот спор

од Nikola Popovski
269 прегледи

Албанија не зазема страна. Ние ги поддржуваме Бугарија и РС Македонија да разговараат и да го решат проблемот едни со други, изјавил албанскиот премиер Еди Рама, одговарајќи на прашање од бугарската новинска агенција, БГНЕС.

„Никој не смее да ѝ завидува на позицијата на Албанија затоа што сме меѓу две пријателски земји, но сме заробени од причини, со кои не сме поврзани“, рекол Рама.

Според него, процесот е структуриран на таков начин што мора да се почитува каков што е.

“Ние не заземаме страна, ниту кон едната ниту другата. Се надеваме и ги поддржуваме двете страни да разговараат и да го решат проблемот едни со други“, нагласил Рама.

„Доколку е потребно, подготвени сме да помогнеме. Но, нашата помош е да кажеме: комуницирајте, разговарајте, најдете начин. Бидејќи овие проблеми, како што научивме од историјата, можат да станат сè покомплексни. Колку повеќе зборуваме за нив, тие стануваат посложени. Ако нема директна комуникација, ако нема директни разговори, ако не постои заедничка волја да се решат проблемите лице в лице и да се ракуваат од двете страни, но не преку трети страни. ЕУ прави големи напори, сите се обидуваат да ја поддржат, но на крајот останува на Бугарија и С. Македонија да се справат со тоа. Затоа не можам да заземам страна, бидејќи уште повеќе ќе ги комплицирам работите. Нема потреба тоа да го направам “, потенцирал Рама.

Слични содржини