Црната листа е во суштина политичка одлука и не сноси никаква правна одговорност за посочените лица во државата во која живеат и творат, вели во разговор за „Локално“ политикологот Иво Ранѓеловиќ за најавата на американската амбасадорка во земјава Анџела Прајс Агелер дека во следните неколку месеци ќе видиме едно до две нови имиња на црната листа на САД.
Тој смета дека практично ништо суштинско нема да донесе црната листа, освен политичко поентирање помеѓу партиите.
-Во однос на корупцијата, потребни се системски, но и промени во менталниот склоп врз кои функционира општеството, потенцира Ранѓеловиќ.
За тоа дали очекува звучни имиња од опозицијата и власта на ажурираната црна листа на Американците, политикологот вели дека нема да се смени ништо, а во имињата не гледа никаква важност.
-Не постои амбасада која може да реши проблеми од ваков карактер. Згора на тоа, корупцијата е проблем во сите земји во светот, вклучувајќи ги и САД. Точно е дека може да го подбутнат процесот во голема мера, но искоренувањето на мотивот и навиките за корупција се прашање на морал и култура, а не на странски амбасади, подвлекува Ранѓеловиќ.
На прашањето дали бавните резултати од борбата против корупцијата се поради процесите како уставните измени, политикологот посочува дека постои политичка позадина, но тоа не го оправдува таквото темпо.
-Една од најголемите причини за корупција во извршната и судската власт е тоа што учесниците гледаат на својата функција како основен извор за живот и опстанок, основен ресурс од кој сите тие луѓе живеат. Таквиот инстинкт развива деструктивен систем, кој меѓу многуте имиња, се вика и Македонија, ни кажа Ранѓеловиќ.
Евроамбасадор Дејвид Гир засега нема увид кои лица од земјава би можеле да се најдат на американската црна листа со санкции.
-Најпрво прашањето за корупција е важно кое навлегува во сржта на пристапниот процес. Тоа е важно што го вклучивме во основите. Ја испитуваме борбата со корупцијата. Тука не се работи за идентификување на поедици, туку за промена на системот за институциите да можат да се справат со корупцијата и сите да знаат дека не постои толеранција. Тоа е долгорочен процес во кој што сме вклучени. Немам некој увид во поединци кои би можеле или не би можеле да бидат цел на санкции, кажа Гир одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.
Н.П.