Ранѓеловиќ: Надворешната политика на оваа Влада е збир на постојани концесии и бескрајно трпение за провокации и навреди

од Берта Китинска
303 прегледи

Случувањата околу отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, се рефлекција на нивото на разум кој го практицираат двете општества, односно владите на истите. Ваквиот чин за жал не е ниту провокација, туку јасна слика за ставот на Бугарското општество и тамошниот политички естаблишмент, вели во разговор за „Локално“, политикологот Иво Ранѓеловиќ.

Според него нашата страна ја карактеризира традиционалната неусогласеност по овие прашања, додека пак општеството е поделено по секоја можна точка, макар била и апсурд.

-Доколку владите од двете страни не престанат да оддаваат значење на вакви настани, свесно ќе ја згаснат и така малата надеж за изнаоѓање решение низ преговорите. Во периодот кој следи очекувам од премиерот Петков да се издигне над ваквите препукувања и да не се сопне од замките на популизмот, подвлекува политикологот.

Ранѓеловиќ смета дека веќе нема простор за да се оди назад во добрососедските односи меѓу двете земји, бидејќи како што појаснува тој антагонизмот помеѓу двете општества е доведен до исклучително висока точка благодарение, пред се, на политичкиот инженеринг од Софија.

-Дури и утре да се изнајде решение за спорот, односите помеѓу двете општества ќе бидат лоши, бидејќи причините се далеку потемелни од она што мислат политичарите во двете држави. Некогаш во политиката многу малку од бон-тонот е потребно (донација на вакцини без изминат рок од Србија на пример) за да ги освоите симпатиите на народот. Но, и за едноставни работи потребен е човечки, а потоа и политички капацитет, подвлекува тој.

За тоа дали треба целосен пресврт во политиката кон Бугарија, како што вели поранешниот МНР Димитров, Ранѓеловиќ децидно вели дека сега не е погоден момент за такво нешто.

-Можам да се согласам во делот на изјавата дека надворешната политика на оваа влада е збир на постојани концесии и бескрајно трпение за провокации и навреди. Но, не мислам дека токму сега е погоден моментумот за пресврт во надворешната политика. Лично сметам дека треба да се искористи пристапот на господинот Петков, барем до јуни, по што евентуалното ново вето би ја легитимизарала иницијативата за некаква нова политика или пресврт. Сега тлее каков таков оптимизам дека ова е единствената Бугарска влада со која би можело да се постигне компромис, појаснува тој.

Ранѓеловиќ за провокацијата која ја упати бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ , смета дека коректно би било сите политички чинители во земјата да ја осудат ваквата изјава , а потоа и да се стави ад-акта значењето на овој клуб преку целосна медиумска изолација.

-Мора да разбереме дека дека Кирил Петков брани бугарски интереси, без разлика дали истите ни се допаѓаат или не. Вакви провокации имало и ќе има, но сметам дека токму тие ја држат раната отворена помеѓу двете држави без разлика на политичките компромиси во иднина, подвлкеува политикологот.

Според него сите сме виновни за „колапс во стратегијата за членство во ЕУ“, појаснувајќи дека има кредибилни политички партии кои се против членство на Македонија во ЕУ.

-Триесет-годишната ретроспективата потсетува на континуираната лоша надворешна политика која не доведе во ваквата состојба. Така што, евентуалната смена на актуелниот министер за надоврешни работи не верувам дека суштински ќе промени нешто во пристапот или во исходот на преговорите. Не се сеќавам кога во Македонија не бил клучен периодот, но се додека истите чинители се присутни на политичката сцена, промени нема да има, смета тој.

Во врска со тоа дали води земјава, правилна политика кон Бугарија, Ранѓеловиќ вели дека е многу лесно да коментираме за постапките на некој друг, а да не сме биле во ситуација да превземеме обврска со таква тежина.

-Кога постои политички спор од ваков тип, привилегија е да сте опозиција. Од една страна оваа влада има воља за решавање на спорот, како и поддршката од меѓународната заедница. Од друга страна истата направи доволно отстапки и концесии, па почнува да се губи во дипломатската офанзива особено откако ЕУ не испорача датум и се разбира, поразот на локалните избори. За жал, Македонија е генерално ослабена во своите позиции поради недостиг на консензуален став во однос на спорот. Тоа е нормата за правилна политика, се друго е непредвидлив предизвик кој ќе ја навлече било која влада да чекори по маргините на дозволеното, подвлекува аналитичарот.

На парашањето во врска со изјавата на Јотова во која таа вели дека ниту некој барал, ниту некој може да бара да признае „некакво си малцинство“ во Бугарија, дури ни судот за човекови права во Стразбур, за тоа дали можеби ова треба да биде новата „македонска црвена линија“ во преговорите, Ранѓеловиќ смета дека суштината во преговорите со нашиот источен сосед не е толку во црвените линии, колку што е како што вели потребен јасен став од Софија за тоа што таа бара од нас.

-Во моментов, секоја политичка партија во Бугарија има различни гледања на спорот и барања од официјално Скопје. Тоа се случува и на релација премиер-претседател. Од круцијално значење е концентрирање на суштината на спорот. Веднаш по дефинирање на спорните точки треба да се изцртаат тие црвени линии. Во ваква ситуација, Софиа секој ден има нов став и на тој начин, свесно или не, го дискредитира спорот, вели тој.

Б.М.

Слични содржини