Ранѓеловиќ: Се додека функционирањето на една влада кореспондира со интересите на САД, поддршката и соработката би оделе рака под рака

од Nikola Popovski
514 прегледи

Се додека функционирањето на една влада кореспондира со интересите на сила како САД, поддршката и соработката би оделе рака под рака, кој и да е на власт. Официјалната политика на САД не фаворизира партии, во одредена мера ниту идеологии, колку што фрла светло на интересот. Оттаму и треба да се анализираат пораките кои се упатени кон власта во Македонија, вели во разговор за „Локално“ политикологот Иво Ранѓеловиќ, коментирајќи ја работната посета на премиерот Димитар Ковачевски на Вашингтон и средбите со високите американски функционери од администрацијата на претседателот Џо Бајден.

САД сериозно се загрижени за состојбите во правосудството, како и корупцијата и владеењето на правото, па се остава впечаток дека тоа била една од неизбежните теми на разговор на Ковачевски при посетата на САД. На прашањето дали се очекува пресврт по ова прашање, Ранѓеловиќ вели дека можноста постои во рамки на некои пластични поместувања во судството кои суштински смета дека нема да донесат ништо.

-Корупцијата е пак генеричен проблем на општеството, не е политички хомоген. Улогата на амбасадорката, меѓу другите улоги, е и да укаже на слабостите, но не и да ги реши. Не постои страна земја и политика која ќе се нафати да ви ги реши проблемите, се додека истите не станат апсурд и пркосат на меѓународниот интерес, дециден е политикологот.

Оценува дека влијанието на САД врз ЕУ е значително и оттука Македонија може да очекува непосредна логистика во евроинтегративниот процес. Сепак, Ранѓеловиќ порачува дека во ниту еден момент не треба да се заборави дека со возот на ЕУ управува Брисел и целокупниот хиерархиски товар на грбот на овој град.

-Во суштина, тешко може да се избегне реформскиот процес при влез во ЕУ, а со поддршката од САД – ако тоа е цел на некоја влада во иднина или денес, рече соговорникот.

Посетата на Ковачевски на САД дојде во ист момент со осудата од Брисел за забраната за влез на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во земјава. Ранѓеловиќ не смета дека ова ќе го забави нашиот евроинтегративен процес.

-Во духот на секој човечки процес, па и европскиот, е да го почитувате секој еден народ и култура. Одредени личности ја преминаа границата на разумот преку нивниот деструктивен однос. На таквиот профил на луѓе не смее да им се дозволи да му штетат на било кој начин, на било кое општество, истакнува тој.

Политиколот ги дава и своите проценки за изборите наредната година и одговори дали овој состав на Влада може да си обезбеди уште еден мандат со поддршката од САД и ЕУ.

-Се чини дека сите карти на власта се фрлени кон ЕУ перспективата, додека опозицијата се потпира на отпорот кон уставните измени и владините неуспеси. Албанскиот блок во моментов е наклонет кон СДСМ, но тој коалициски потенцијал може да биде разводнет при голема победа на ВМРО-ДПМНЕ. Во секој случај изборите ќе бидат интересни, но дали ќе сведочиме суштинска промена по тие избори е прашање од најважен аспект, вели Ранѓеловиќ.

Н.П.

Слични содржини