Рангник за Марсијал: Може да замине во јануари, но под еден услов

од Vladimir Zorba
243 прегледи

РАЛФ РАНГНИК потврди дека Манчестер Јунајтед е подготвен да му дозволи на својот долгогодишен напаѓач да го напушти клубот во јануарскиот преоден рок. Сепак, Ентони Марсијал, додаде тој, ќе може да го стори само доколку на „Олд Трафорд“ пристигне понуда која ќе ги задоволи апетитите на раководството на клубот.

Марсијал е на договор со Јунајтед уште две и пол години, а месечно заработува околу еден милион евра. Ова се отежнувачки околности во преговорите за тимовите што сакаат да го доведат. Францускиот напаѓач е незадоволен од кратката минутажа и е подготвен да замине на позајмица, а таков расплет на приказната за неговото заминување често се споменува во англиските медиуми. Севиља се наведува како ветувачка дестинација.

За Јунајтед, Марсијал собра 268 натпревари откако пристигна од Монако, постигна 78 гола и подели 50 асистенции, но поради повредите и тактичките замисли на менаџерите на Јунајтед, сезонава одигра само 202 првенствени минути на седум натпревари. Тој се уште нема настапувано за Рангник.

„Разговаравме долго време, тој ми објасни дека сака промени. Можам да го разберам тоа, но важно е да се погледне ситуацијата во која се наоѓа клубот. Ние сме во време на коронавирус, имаме три натпреварувања во кои настапуваме со голема амбиција и сакаме да бидеме што е можно поуспешни, не можеме само да го гледаме интересот на играчите, туку и на клубот“, рече Рангник, додавајќи: „Колку што знам, не сме добиле понуда за него и тој во моментов останува“.

Слични содржини