Денеска треба да почне судењето за поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски.
Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување” од КЗ.
Првообвинетиот, се вели во Обвинителниот акт, не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Судскиот процес ќе го води судијата Фанка Јанчулева Михаиловска.
Според обвинението, на Рашковски ќе му се суди за злоупотреба на службената положба и перење пари. Обвинет е дека државниот буџет го оштетил за над 300 илјади евра.
Најголемата финансиска злоупотреба од близу 17 и пол милиони денари, Рашковски ја направил со купување на компјутерски софтвер за брзина во сообраќајот, кабина за гласање и систем за биометриска идентификација.
Сите тие биле негов изум, а местејќи ги тендерите преку компанијата Инвока груп, Рашковски ги набавил за потребите на владата иако по откривање на скандалот, надлежните тврдеа дека за нив државата немала потреба.
Парите, според обвинителството, Рашковски веднаш ги пуштал во оптек, иако како што се вели во пријавата, знаел дека се од кривично дело, па сопствената и сметките на своите блиски ги наполнил со близу 100 илјади евра.
Во меѓувреме, Државната комисија за спречување на корупцијата, побара да се отвори уште еден предмет против Рашковски, поради сомнеж дека неговото семејство добило автомобил од 50 илјади евра како награда од гостиварска фирма.