Рашковски осуден на 8 години затвор за „Софтвери“

од Nikola Popovski
498 прегледи

Првообвинетиот и поранешен генерален секретар на Владата, Драги Рашковски е прогласен за виновен за набавката во случајот „Софтвери“, за што денеска доби затворска казна од 7 години, а за кривичното дело перење пари, му утврди затворска казна од една година и шест месеци, со што вкупно беше осуден на 8 години.

-Согласно Кривичниот законик, во изречената затворска казна на првообвинетиот Драги Рашковски му се засметува и времето поминато во куќен притвор, сметано од 16.04.2021, па до укинувањето, рече судијката.

Затворски казни добија и останатите обвинети во овој случај. Обвинетиот Ивица Димитровски е осуден на пет години затвор, пет години и шест месеци затвор доби обвинетиот Игор Христо, Даниел Станчев е осуден на четири години, Ирена Ивановска е осудена на три години од шест месеци, а три години добија Игор Ивановски и Маја Силјаноска.

Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

Според обвинението, Рашковски, не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.

Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а останатите лица се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева. Судењето продолжува по паузата.

Слични содржини