Најмалку две лица загинаа, а 21 се повредени денеска во руските напади врз градови низ Украина, а десетици луѓе најверојатно се затрупани под урнатините.
Нападите беа извршени на Меѓународниот ден на мирот и додека во Њујорк се одржува седницата на Генералното собрание на Обединетите нации, каде што украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа говор и ја претстави украинската „формула за мир“, забележува АП.
Две лица загинаа, а најмалку пет се повредени денеска во руски напад врз јужниот град Керсон, кога беше погодена станбена зграда, изјави регионалниот началник Олександар Прокудин.
Седум лица се повредени во Киев, меѓу кои и едно деветгодишно девојче, изјави градоначалникот Виталиј Кличко, додавајќи дека се оштетени и некои станбени и деловни објекти.
Две лица се повредени во најмалку шест руски напади врз областа Слобид во Харков, при што е оштетена цивилната инфраструктура, изјави регионалниот началник Олег Сињегубов.
Најмалку 10 лица се повредени, а најмалку едно лице е извлечено од урнатините во Черкаси, во централна Украина, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко.
Во Черкаси, по нападот утринава, под урнатините може да се најдат уште 23 лица, изјави регионалниот шеф на Черкаси, Игор Табурец.
Регионалниот началник Виталиј Ковал изјави дека е нападнат и градот Ривне во истоимениот северозападен регион и дека се погодени енергетската и цивилната инфраструктура, пренесе Ројтерс.