Во голема меѓународна акција, полициите од Германија, САД, Канада, Велика Британија, Франција, Холандија и Данска успеаја да ја разбијат една од најопасните сајбер криминални мрежи, предводена главно од руски државјани. Беа издадени меѓународни наредби за апсење на 20 лица, претежно од Русија, додека во САД се обвинети 16 луѓе, меѓу кои и наводните водачи на сајбер операциите „Какбот“ и „Данабот“.
Овие криминалци користеле опасен компјутерски вирус за да напаѓаат владини институции, болници, компании и невладини организации. Целта им била кражба на важни информации, уцени и предизвикување хаос. Дури и во Велика Британија, познатиот синџир продавници „Маркс и Спенсер“ бил жртва на нападите.
Операцијата, наречена „Крај на играта“, ја водеше германската криминална полиција BKA. Заедно со партнерите, тие идентификуваа 37 лица поврзани со мрежите Qakbot, Danabot, Trickbot и рансомвер групата „Конти“.
Еден од најпознатите обвинети е Виталиј Ковалев од Москва, сметан за еден од најуспешните сајбер уценувачи. Тој заработил милиони долари со измами и уцени, а неговата криптовалута се проценува на околу една милијарда евра. Германската полиција го поврзува со криминалните групи „Ројал“ и „Блексуит“.
Американските власти наведуваат дека вирусот Данабот заразил над 300.000 компјутери во САД, Австралија, Полска, Индија и Италија. Постоела и специјална „шпионска“ верзија на вирусот насочена кон воени и дипломатски цели, а собраните податоци биле складирани во Русија.
Меѓу најбараните е и украинскиот државјанин Роман Прокоп, кој е поврзан со мрежата Qakbot.
Претседателот на германската полиција, Холгер Минх, изјави дека Германија често е цел на вакви сајбер напади, но оваа операција покажува дека меѓународната соработка дава резултати и дека криминалците од „даркнетот“ не се недопирливи.
Иако екстрадицијата на обвинетите од Русија или Дубаи е малку веројатна, нивното разоткривање е голем удар врз оваа криминална мрежа и надеж дека ваквите сајбер криминалци ќе бидат откриени и казнети.