Различните политички платформи нема да бидат пречка за составување влада: „Ако порано од ВМРО-ДПМНЕ викаа дека нема да има уставни измени под бугарски диктат, сега би можело да има под македонски диктат“

од Nikola Popovski
858 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВЛЕН откако ги поставија основите за соработка, најавија дека на ниво на работни групи ќе ги филтрираат деталите за евентуално коалицирање во идната влада. Утре започнуваат и официјалните преговори, иако во саботата веќе се одржа една средба во седиштето на здружената албанска опозиција на плоштадот „Скендербег“. Од партијата на Христијан Мицкоски рекоа дека соработката ќе се темели на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.  Од Коалицијата ВЛЕН, пак изјавија дека разговорите оделе во позитивна насока.

Сепак како „Дамоклов меч“ над формирањето на владиното мнозинство, висат уставните измени. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мисајловски во интервју кажа дека опстојуваат на ставот за внесувањето на Бугарите, бидејќи на тој начин ја добиле довербата од народот. Од друга страна членот на ВЛЕН, Таравари изјави дека влезот на нивната коалиција во владата значи гаранција за промените на Уставот, бидејќи, како што вели, не сакаат да се изгубат уште 10 години, како во времето на владеењето на ВМРО – ДУИ. Оттаму се поставува дилемата дали со опстојување на овие тврди ставови ќе видиме Влада меѓу овие две партии?

Дел од аналитичарите во земјава сметаат дека различните политички платформи нема да бидат пречка за составување влада. Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, ваквата констатација е од повеќе причини:

Петар Арсовски

-Прво, владата се составува пред да има конечен став за уставните промени – очекувам дека партнерите ќе си дадат време за усогласување, но откако ќе ја договорат владата.

Второ, политичкиот прагматизам ќе победи, па полесно ќе се договорат да ги поделат местата, а за програмите да продолжат да разговараат, истакнува Арсовски за „Локално“.

Во однос на можноста да се повтори историјата кога, иако правеше влади, поради несогласувања екс-премиерот и тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски организираше предвремени избори на секои 2 години, односно, дури и ако направат влада ВМРО и ДУИ, таа да биде со краток рок, Арсовски вели дека такво нешто во оваа фаза е невозможно.

-Големиот антагонизам и веќе отворено непријателство то го оневозможуваат. Ако мислите на влада ВМРО и ВЛЕН, тоа ќе зависи од одржливоста на ВЛЕН најмногу. Мислам дека најмалку до локалните ќе функционираат заедно. После ќе зависи од резултатите, посочува соговорникот.

Околу наводната декларација за уставните измени која ја потпишале партиите од албанскиот блок, аналитичарот појаснува дека иако не можеме да го потврдиме постоењето на таков документ, не е голема тајна дека сите албански партии сакаат уставни измени.

-Сепак, мислам дека и без нив, влада ќе се состави, и би се составила и со ДУИ. Не можам да проценам кој зборува вистина бидејќи не сме виделе никаков документ се уште, потенцира Арсовски.

Аналитичарот Џенур Исени, пак, смета дека идната влада ќе има стабилно мнозинство за да управува со државата во наредните 4 години, без да има потреба да се оди на предвемени парламентарни избори. Според него, Мицкоски со самото тоа што отиде во саботата во седиштето на ВЛЕН за да разговараат за формирање на идната влада, кажува одредена почит кон идните коалициони партнери во власта и вели дека тоа е за почит.

Џенур Исени

-Од друга страна Мицкоски и пред своите гласачи покажува дека го одржува зборот кога вели дека со ДУИ нема да формира влада по никаква основа, наведува Исени во разговор за „Локално“.

Што се однесува до уставните измени, Исени верува дека ќе мора да се прават отстапки и тоа го знаат и од ВМРО-ДПМНЕ и од ВЛЕН.

-И така после првата средба од овие партии, кажаа дека една од основните начели на владата ќе бидат европските интеграции, со што индирекно покажуваат дека мора да се работи и на оваа основа. Но, ако порано од ВМРО-ДПМНЕ викаа дека нема да има уставни измени под бугарски диктат, сега би можело да има под „македонски диктат“, со што колку толку би се оправдале пред јавноста, оценува соговорникот.

Најголем дел од политичките изјави и договори во изминатиот период се дадени усно, а се чини дека ова може да биде една од нив, додава Исени за наводниот нон-пејпер потпишан од партиите од албанскиот блок за влез во Влада која ќе гарантира уставни измени.

-Дециден е дека доколку имаше нешто на писмено, ДУИ веројатно ќе го искористеше пред формирањето на владата. Одржувањето на договорите и изјавите меѓу политичките партии во тајност пред очите на народот, почна да им наштетува на политичките партии, бидејќи народот секој ден се повеќе се освестува и почна да ја разбира моќта на гласот што го има. Затоа, добро е политичките партии во иднина, секој договор или политичка изјава што ќе го дадат во иднина, да бидат транспарентни и да му дозволат на народот да оцени дали е соодветно или не, објаснува аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини