Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека Одделот за внатрешна контрола при МВР, по извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, констатираше непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар.
За лицето е покрената дисциплинска постапка.
-Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата, порачуваат од полицијата.
МВР го осудува секој облик на насилство, незаконско или непрофесионално постапување. Наведуваат дека полицијата е тука за да ги спроведува законите и да им служи на граѓаните.
Претресот во домот на директорката Маја Лозановска и во училиштето „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар ја бранува јавноста. Акцијата била спроведена поради сомнеж за фалсификување и уништување деловни книги и на службениот печат, за кој Лозановска тврди дека е во сефот во школото.
„Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. ОЈО – Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, соопштија од Обвинителството.
Токму ова беше причината за бурна реакција, откако адвокатот на Лозановска објави видео од претресот, на кое се слуша началникот како инсистира жената да биде однесена на информативен разговор во станица, иако таа користела боледување, а таква наредба од Обвинителството воопшто немало.