Разрешена директорката на училиште во Драчево која поседувала лажна диплома за странски јазик

од Nikola Popovski

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски разреши директорка на основно училиште која поседувала лажна диплома за странски јазик. Вели дека нема компромиси кога е во прашање спроведувањето на законите и апелира до надлежните институции да го расветлат случајот, работејќи непристрасно и водејќи се исклучиво според законодавната легислатива.

Ѓорѓиевски потенцираше дека правдата мора да излезе на виделина и при тоа да нема никакви негативни последици врз учениците и наставно-научниот процес.

-Нема компромис кога е загрозен законот. Директорката веднаш е разрешена. По добиените информации дека една директорка на основно училиште поседувала лажна диплома за странски јазик, донесов одлука за нејзино разрешување. При самиот избор, разгледувањето на документацијата и интервјуто од страна на Училишниот одбор не било возможно да се увиди дека списите не се регуларни, при што е изготвен извештај за избор на најдобар кандидат, кој што ќе биде поништен, и наскоро училиштето ќе добие нов в.д. директор, истакна Ѓорѓиевски.

Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Т.К.(49) од Скопје и С.К.(56) од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.

Пријавената Т.К., вработена во основно училиште во с.Драчево, скопско и пријавената С.К., вработена во Општа болница Дебар, набавиле лажни меѓународни сертификати за познавање на англиски јазик, издадени од училиште за јазици од Република Бугарија. Т.К. го употребила сертификатот при аплицирање на јавен оглас за избор на директор на основно училиште во с.Драчево, по што со решение на градоначалникот на општина Кисела Вода била именувана за директор во училиштето.

На сличен начин, С.К. го употребила сертификатот за познавање англиски јазик при аплицирање на конкурс за именување директор на ЈЗУ Општа болница Дебар, по што од министерот за здравство била именувана за вршител на должноста – директор на ЈЗУ Општа болница Дебар.

Слични содржини