Разводи, дрога и сексуална злоупотреба: Трагичен живот на ќерката на Елвис Присли

од Stefanija Kuzmanovska

Утрово ширум светот се прошири веста дека синоќа, четврток, 12 јануари, на 55-годишна возраст почина ќерката на рокенрол легендата Елвис Присли, Лиза Мари Присли. Присли доживеала срцев удар и итно била пренесена во болница, каде што починала.

ТРАУМАТИЧНО ДЕТСТВО И ПРЕРАНО ЗАМИНУВАЊЕ НА ТАТКО Ѝ

Лиза Мари Присли е родена на први февруари 1968 година во Мемфис. Таа имаше четири години кога нејзините родители се разделија и девет години кога татко ѝ почина од срцева слабост, исто како и таа вчера. Тој тогаш имаше 42 години. Таа беше неговата единствена ќерка и единствениот наследник на неговото наследство, од кое продаде 85 отсто од својот удел во 2004 година.

Трауматските настани во нејзиниот живот продолжија и по смртта на нејзиниот татко. Нејзината мајка се забавувала со актерот Мајкл Едвардс една година по смртта на Елвис. Тие беа заедно од 1978 до 1984 година, а Лиза Мари зборуваше за нивната турбулентна врска во интервју за Плејбој во 2003 година.

Кога еден новинар ѝ поставил прашање за Едвардс, таа се згрозила и побарала прво да оди во тоалет. Кога се вратила, раскажала потресна приказна за тоа како Едвардс сексуално ја злоставувал на возраст од 12 до 15 години. И не само тоа, по раскинувањето со Присила, актерот ја напиша книгата „Присила, Елвис и јас“, која требаше да биде пародија на нејзината книга „Елвис и јас“, во која отворено пишуваше за тоа како „копнеел по тинејџерското тело на Лиза“.

Во тинејџерските години, Лиза се свртела кон самоуништувачко однесување користејќи дрога и алкохол, а во еден момент, како што изјави во истото интервју за Плејбој, поминала 72 часа на кокаин.

„После тоа мајка ми ме исфрли од дома и ме испрати во центар за одвикнување. Бев пијана и таа само ме однесе таму таква среде ноќ“, навела таа. Во Центарот добила задача да се грижи за наркозависниците, а тоа, како што рече, целосно ја променило и ја направило одговорна. Таа тогаш имала 17 години и никогаш повеќе не користела дрога рекреативно до 2008 година кога се борела со постпородилна депресија.

МУЗИЧКА КАРИЕРА И СМРТ НА СИНОТ

Лиза Мари подоцна тргна по стапките на нејзиниот татко. Во 2003 година, таа го сними својот деби албум „To Whom It May Concern“, во кој влијанието на музиката на Елвис беше многу видливо, а албумот стигна до петтото место на Билборд 200 најдобри албуми таа година. После тоа, таа објави уште два албума, „Now What“ во 2005 година и „Storm & Grace“ во 2012 година, кои ги добија најдобрите критики дотогаш, но таа никогаш не постигна голем успех или беше перцепирана од јавноста како релевантна пејачка. Медиумите наместо тоа се фокусираа на нејзиниот приватен живот и врските со познати мажи.

Таа се мажеше четири пати. Нејзиниот прв брак беше со музичарот Дени Кју. Тие беа заедно од 1988 до 1994 година и имаа две деца, Рајли и Бенџамин. Друга голема траума во животот на Лиза беше самоубиството на Бенџамин на 27-годишна возраст во 2020 година. Таа изјави за People минатата година дека настанот ја уништил. Таа остана во одлични односи со неговиот татко, а Кју дури и до ден-денес живее во гостинска куќа на нејзиниот имот.

Само 20 дена по разделбата со Кју, Лиза Мари влезе во нејзиниот брак што најмногу го следеа медиумите, оној со Мајкл Џексон. Еднаш рекла дека мислела дека може да го спаси и да му помогне, и тоа и го направила. Таа го убедила да се нагоди надвор од судот во случајот за злоупотреба на деца за кој беше обвинет и да се пријави во клиника за рехабилитација. Тие се разделија 18 месеци откако се венчаа.

По Џексон, таа се омажи за Николас Кејџ во август 2002 година, а Кејџ поднесе барање за развод во ноември. Четири години после тоа, таа се омажи за последен пат, со музичкиот продуцент Мајкл Локвуд, со кој имаше две ќерки близначки, Харпер и Финли. Двојката се разведе 10 години подоцна. Таа зад себе ги остави нејзината мајка Присила и ќерките Рејли Кју и Харпер и Финли Локвуд.

Слични содржини