Реакција на листата на Каракачанов: „Со лага не бидуваш ага“

од Берта Китинска

„Лага е дека имаме бугарско државјанство“ велат дел од политичарите откако вицепремиерот на Бугарија и министер за одбрана Красимир Каракачанов на својот фејсбук профил објави список на имиња какви што имаат високи вмровски функционерикои се запишани на избирачките списоци.

За Александар Пандов од ВМРО ДПМНЕ, објавата на неговото име во списокот на Каракачанов е голема навреда.

„Тоа е ноторна лага, за која што се колнам во крвта моја Македонска дека немам никаква друга патна исправа освен македонска. По што Каракачанов може да се заколне дека тоа што го пишува е точно? Тој слободно од позиција на министер за одбрана има можност да го прикаже моето барање за државјанство или мојата патна исправа или било каков документ надвор од македонски и нека докаже дека тоа е така. Јас разбирам дека на Заев и Шекеринска во моментов им горат ушите во Македонија и дека не им стојат добро работите, особено што видовме колку милиони евра се обиделе преку вакцини да исперат. Меѓутоа, срамно е и подло, пониско не може да биде на ваков начин да се обидат да ме дисквалификуваат мене. Јас не можам да тврдам за сите и дел од запишаните луѓе не ги знам, а дел и ги познавам. Но, јас за мене тврдам и повикувам било кој, не само од Бугарија, да објави дека имам поднесено барање, а не па, друг документ освен македонската патна исправа. Поголема навреда за мене не може да постои од ова“, истакна Пандов за „Локално“.

Веројатно на бугарските политичари им пречи што се обдиувам да ги бранам македонските национални интереси, вели Стефан Андоновски од ВМРО ДПМНЕ.

„Ниту некогаш сум имал, ниту планирам да имам бугарско државјанство. Најверојатно на бугарските политичари им пречи што се обдиувам да ги бранам македонските национални интереси, па на секој начин се обидуваат да мѐ дискредитираат“, истакна Стефан Андоновски од ВМРО ДПМНЕ за „Локално“.

Лагите кои ги шири бугарскиот министер за него нема ништо да постигне, коментира Петар Богојески од „Македонски концепт“.

-Со овие удбашки методи на црнење на моето име ништо нема да постигнеш, напротив уште повеќе ме мотивираш да ве направам турска туршија или да ве растурам како бугарска скупштина! Со лага не бидуваш ага! Прво започна со лаги дека сум бил твој кадар во Македонија и дека ме финансираш… потоа продолжи со лаги дека сме се познавале многу одамна и дека си ме школувал во Бугарија и си ми давал стипендија… па повторно лаги за средби со тебе на Пироска 5 и мој престој во некои твои апартаменти… па лаги дека имам пасош од 2002 година… па лаги за пасош на Искар… денес лаги дека имам пасош на Обориште… до кога и до каде со вакво поведение бре другарчо Краси?!? Дај еднаш договорете се бугарските болшевици помеѓу себе, кои лаги ќе ги ширите за мене, вака ептен е непријатно да бидете цело време фаќани во лага!, пишува во својот Фејсбук статус Петар Богојески од Македонски концепт.

Пратеникот Љупчо Димовски кој се најде на списокот со место на живеење во Ќустендил, вели дека Каракачанов со листата на музички желби покажал дека може вода да му носи на Заев.

-Со исполнување на листата на музички желби на Каракачанов покажа дека почнал вода да му носи на Заев!, изјави Димовски.

Со свој краток коментар излезе и пратеникот Антонио Милошовски кој нашиша: “Фантом фирма, Фантом ваксајнс, Фантом пасоши”

ВМРО-ДПМНЕ најостро демантира

ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира , како што велат, лагите кои Красимир Каракачанов ги објавува на својот фејсбук профил и посочуваат дека ниту еден од посочените функционери на ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош.

„Неговата денешна објава е класична лажна вест. Очигледно дека Каракачанов воден од својата антимакедонска политика има за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во Македонија која остро се спротивставува на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја“ се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини