
Реал Мадрид има потреба од 300 милиони евра за да финансира засилувања на својот тим и обидот за враќање во битката за трофеите. Според шпанскиот весник „Ас“ клубот од Мадрид ќе се обиде да го обезбеди износот преку продажба на осум играчи за време на летниот трансфер прозорец.
Голем дел од парите треба да дојдат од разделба со Герет Бејл. Во моментов, Велшанецот е проценет на 70 милиони евра, откако пред шест години беше купен за 101 милиони евра во рекордна зделка. Меѓу непотребните се уште Хамес Родригез и Матео Ковачиќ, чии цени се соодветно 60 и 50 милиони евра. Родригез игра под наем во Баерн (Минхен), додека Ковачиќ е позајмен на Челзи.
Останатите непотребни во тимот на Зинедин Зидан се Маркос Љоренте, Дани Себаљос, Маријано Дијаз, Борха Мајорал и голманот Кејлор Навас.
Во последните сезони клубот се обидува да продава фудбалери за блиски износи, до оние на дојдовните трансфери. Минатата сезона Реал купи играчи за 162 милиони и продаде вкупно за 133, а голем дел од нив беа добиени по трансферот на Кристијано Роналдо во Јувентус.
Реал е поврзан со привлекувањето на Еден Азар од Челзи. Белгијецот веќе изјави дека речиси сигурно го напушта својот сегашен клуб. „Белите“ се заинтересирани и за Килијан Мбапе од ПСЖ.
Нејасен е и статусот на капитенот на Реал, Серхио Рамос. Тој е во судир со претседателот Флорентино Перез, а шпанскиот весник тврди дека дефанзивецот барал да биде продаден. Рамос игра за Реал од 2005 година и е петти во вечната ранг-листа по одиграни натпревари.