Реал Мадрид загуби со 2:5 во мечот за титулата во Суперкупот на Шпанија од Барселона. Позицијата на Карло Анчелоти како главен тренер на тимот не е разнишана, но тој ќе биде сменет доколку не ја заврши сезоната или со титулата најдобар тим во шпанското првенство или со титулата освојувач на Лигата на шампионите. Познато е и кого Мадрид би сакал следен да го види на кормилото на тимот.
Ова го наведува „Релево“, нагласувајќи дека Анчелоти за почеток има три задачи пред него. Тој мора да победи, неговиот тим да изгледа убедливо и да го среди составот за да функционира подобро. Доколку не биде успешен во ова и на крајот од сезоната остане без ниту еден од двата важни трофеи, клубот ќе го игнорира фактот дека тој е договорно врзан до летото 2026 година и ќе донесе замена за него. Најголема желба е Чаби Алонсо, а тој самиот не би имал ништо против таков исход.
Алонсо и пред неговиот блескав настап во Леверкузен, со кој ја освои титулата во Бундеслигата, беше на радарот на европските гиганти, особено на Баерн, а секако и на Реал Мадрид како нивен поранешен прославен играч. За Реал играше од 2009 до 2014 година, а со нив освои трофеи во Лигата на шампионите, Ла Лига, Купот на Кралот и Суперкупот на Шпанија.