Ребалансот на Буџетот ќе се најде на пленарна седница

од Nikola Popovski
51 прегледи

Ребалансот на буџетот ја помина собраниската Комисија за финансирање и буџет, по што треба да добие поддршка на пленарна седница, која може да трае најмногу три дена. Општата расправа на Комисијата за ребалансот траеше три дена, а амандманската заврши вчера.

За ребалансот пратениците поднесоа вкупно 58 амадмани, дел од нив повлекоа, другите беа одбиени. Прифатени беа само два амандмана – за исплата на административците и за политичко рекламирање кои беа вклучени во спроведувањето на годинашните избори, што ги поднесоа пратениците Бојан Стојаноски и Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред завршувањето на седницата.

Стојаноски со амандманот побара 318 милиони денари за изборната администрација, а Стојаноска 32,169 милиони денари за платено политичко рекламирање.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски рече дека двата амандмана се прифатливи, зашто, објасни, се работи за исплата на законски обврски.

Според пратениците од Европски фронт ребалансот на буџетот е нелегитимен, нереален, селективен и популистички, поради што најавија дека нема да го поддржат.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ планира ребалансот на буџетот за 2024-та година да биде донесен во втората недела од август, по што, како што вели пратеникот Бојан Стојановски, ќе започне консолидацијата на затегнатите состојби.

Најчесто при креирање на буџетот капиталните инвестиции високо се проектираат и по извесно време токму од кај нив се крати. Ребалансот на буџетот треба да биде изгласан во собранието најдоцна до првата недела од август.

Слични содржини