Рекордни 993 смртни случаи од коронавирус и 23.224 новозаразени се регистрирани во Италија во изминатите 24 часа, објави Министерството за здравство на таа земја.
Тоа е значително зголемување на бројот на смртни случаи во споредба со средата, кога тој број бил 685, како и на бројот на нови случаи, кои имало 20.709 во средата, пренесува Ројтерс.
Претходниот рекорден број на смртни случаи за еден ден бил забележан на 27 март, на врвот на првиот бран на пандемијата, кога биле регистрирани 919 смртни случаи.
Од почетокот на пандемијата, во Италија се регистрирани 58.038 смртни случаи од коронавирус и 1.665 милиони инфекции.
Во текот на претходните 24 часа биле тестирани 226.729 лица, што е зголемување во споредба со претходниот ден, кога имало 207.143.