Вкупно 28 држави вчера го осудија Израел за „нечовечни убиства“ на Палестинци во Газа што чекаат хуманитарна помош. Истовремено, Светската здравствена организација (СЗО) извести дека е од израелските сили е нападната резиденцијата на нејзиниот персонал и главната канцеларија во гратчето Дејр ал Балах во Газа.
Во заедничка изјава, министрите за надворешни работи на 28 земји, меѓу кои Австралија, Канада, Јапонија, Велика Британија и низа други европски земји порачаа дека „моделот за достава на хуманитарна помош на израелската влада е опасен, поддржува нестабилност и ги лишува жителите на Газа од нивното човечко достоинство“.
Во изјавата, 28 земји побараа брзо прекин на војната во Газа, каде, според документот, „страдањата на цивилите достигнаа нови длабочини“.
Повикот стигна откако стотина Палестинци беа убиени чекајќи хуманитарна помош во Газа.
Потписниците на осудата за Израел порача дека се готови да преземат дејствија во поддршка на политички пат до мир во регионот.
Израел ја отфрли заедничката изјава велејќи дека „документот нема врска со реалноста“ и испраќа погрешна порака за исламистичкото движење Хамас.
СЗО објави дека при израелските воени операции биле нападнати резиденцијата на нејзиниот персонал и главната канцеларија во гратчето Дејр ал Балах во Појасот Газа. Израелски војници влегле во просториите и ги натерале жените и децата да излезат и пеш да се упатат кон Ал Мауаси, во јужниот дел на Газа. Мажите од персоналот и членовите на нивните семејства биле врзани со лисици и испитувани под закана со оружје, велат од СЗО.
Вчера израелската војска почна копнена офанзива во централниот дел на Појасот Газа, откако во неделата им нареди на жителите да го напуштат централниот појас на Газа.