Четворица од десет Грци (43 отсто) имаат неутрално мислење за Северна Македонија, 37,5 негативно, а само 18 отсто позитивно; речиси поделено е мислењето за поддршката на ЕУ перспективата на земјава, а Договорот од Преспа за 38,5 отсто од анкетираните е штетен, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, во соработка со солунскиот Универзитет Македонија и Фондацијата Конрад Аденауер, јави дописничката на МИА од Атина.
Истражувањето, спроведено во втората половина на април е на тема грчкото јавно мислење за односите меѓу Грција и Албанија, меѓутоа вклучени се и прашања што се однесуваат и на другите земји од регионот, меѓу кои и нашата.
На прашањето „Какво е вашето мислење за …“ на анкетираните им се понудени Турција Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Србија и Израел и можностите да одговорат дали имаат позитивно, негативно или неутрално мислење.
Позитивното мислење, највисоко е за Србија, 60 отсто, а негативниот став, најголем е за Турција, 65 проценти.
За нашата земја, како и за Албанија, преовладува неутралното мислење.
Доколку се направи споредба со претходното истражување пред пет години за истото прашањето и конкретно за Северна Македонија, резултатите тогаш биле за нијанса полоши со оглед на тоа што негативно мислење имале 40,5 отсто (сега се 37,5 проценти), неутралниот став бил исто така 40,5 отсто (сега 43 проценти), а позитивното мислење се зголемило за еден процент од 17 отсто во 2019 година на 18 проценти сега.
Во однос на европската перспектива на регионот, најголема е поддршката за Србија, најмала за Турција.
На прашањето „Дали вие лично би ја поддржале кандидатурата на следните земји да станат членки на Европската Унија …“, за Северна Македонија, 52,5 отсто одговориле „не“, 45 проценти дале позитивен одговор, а останатите 2,5 отсто одбиле да одговорат.
За Договорот од Преспа, според анализата на ЕЛИАМЕП на резултатите, „истражувањето покажува јасно влошување на ставовите при што процентот на позитивни и донекаде позитивни ставови се намали на 28,5 отсто во 2024 година, од 35,5 проценти во 2019 година“ и напомнуваат дека „истражувањето беше спроведено пред изборите во Северна Македонија и изјавите на новоизбраната претседателка и на идниот премиер на државата“.
Поконкретно, на прашањето „Колку беше корисен Договорот од Преспа за Грција?“, негативно одговориле 38,5 отсто, односно 22 проценти рекле „многу штетен“, а 16,5 отсто „донекаде штетен“, а „ниту корисен ниту штетен“ како одговор го одбрале тројца од десет анкетирани, додека пак три проценти одбиле да одговорат.
Останатите 28,5 отсто сметаат дека Договорот е „донекаде корисен“ (19 проценти) и „многу корисен“ (9,5 отсто).
Истражувањето на Фондацијата за европска и надворешна политика ЕЛИАМЕП-Програмата за Југоисточна Европа, во соработка со Фондацијата Конрад-Аденауер – Канцеларијата за Грција и Кипар и Единицата за истражување на јавното мислење и пазарот на Истражувачкиот институт на Универзитетот во Македонија во Солун, било спроведено од 15 до 21 април 2024 година со анкетирани 1.165 луѓе по случаен избор.
Научни координатори на истражувањето беа Јоанис Армаколас, вонреден професор на Универзитетот во Македонија и виш научен соработник и раководител на Програмата за Југоисточна Европа на ЕЛИАМЕП и Јоргос Сиакас, доцент на Универзитетот Демокрит од Тракија и истражувачки директор на Единица за јавно мислење и истражување на пазарот на Универзитетот во Македонија.