Ред Бул го очекуваа со големо внимание минатиот тркачки викенд во Монтреал, за да ги споредат последните подобрувања на моторите на Хонда и Рено. Екипата на Кристијан Хорнер е во единствена положба да може да ги споредат двата мотора од различни производители, бидејќи ги имаат под свое и Торо Росо.

Ред Бул се партнери со Рено веќе 12 години, а нивниот втор тим Торо Росо премина кон Хонда на крајот на минатата сезона, откако Мекларен го раскинаа договорот по неуспешната работа со јапонската компанија. Сега претстои најважната одлука дали Ред Бул ќе продолжи со Рено или ќе претпочита нова соработка со Хонда.
Пред ГН на Канада се зборуваше дека Рено за малку сакале да ги лишат Ред Бул од надградба на моторот, под изговор дека имале ограничени ресурси. Скриената причина, сепак, беше да се направи обид за притисок врз тимот побрзо да донесе одлука за иднината. Покрај тоа, Французите би сакале да ја спречат директната споредба на нивниот мотор со оној на Јапонците. Сепак дотаму не дојде.
Според некои извори Ред Бул поставиле конкретни барања за Хонда, кои треба да бидат покриени. Меѓу нив немало услов нужно да понудат највисока моќност. За тимот било поважно да се увери дека Јапонците ќе избегнат евентуални грешки во развојот и планирањето – имено, тие беа во основата на пропаднатото партнерство со Мекларен.
Изгледа Ред Бул се задоволни од постигнатото од Хонда, но не само во однос на целите за развој, а но и во насока поголема моќност. Д-р Хелмут Марко зборуваше пред германскиот печат за „три десетинки од секундата побрзи времиња“. Сето ова наведува на помислата дека одлуката е веќе донесена, и е многу веројатно да биде објавена во јавноста пред следната рунда во Австрија.