Ред Бул за коментарите на Тиктам против Шумахер: Понекогаш зборува пред да мисли

од Vlatko K

Шефот на Ф1 тимот Ред Бул, Kристијан Хорнер се изрази остро на адреса на Дан Тиктам, кој е дел од академијата за млади пилоти поради своите коментари на адреса на Мик Шумахер. Тиктам, кој е кандидат за титулата во Формула 3, рече дека не ги освоил последните трки, бидејќи неговото презиме не е Шумахер.

Синот на седумкратниот Ф1 шампион, Михаел Шумахер направи апсолутен пресврт во кампањата во Формула 3 и за помалку од два месеци се искачи од осмата на првата позиција.

Запрашан од „Sky Sports“ за војната на зборови, која ја започна Тиктам, Хорнер изјави: „Тој е тежок карактер, понекогаш зборува пред да мисли. Многу талентиран пилот е, но има потреба од уште развој, за да е блиску до нивото на Формула 1. Брз е, но има рабови, кои што треба да бидат изманети“.

Мотоспорт советникот на Ред Бул, д-р Хелмут Марко изјави порано дека следната сезона Тиктам ќе биде подготвен за Формула 1. Шампионот во Формула 3 ќе биде јасен во средината на октомври, но дури Тиктам да го стопи огромното заостанување од Мик Шумахер и да ја грабне титулата, тој нема да може да земе суперлиценца која ќе му дозволи да вози во Формула 1.

За разлика од него, Шумахер веќе ги исполнува потребните услови за поседување на суперлиценца, но се очекува во следната сезона тој да ја продолжи кариерата во Формула 2.

Слични содржини