Реформаторите побараа неотповиклива оставка од Груевски

од desk2
141 прегледи

Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ побараа неотповиклива оставка од нивниот лидер Никола Груевски, како најодговорен за падот на поддршката за оваа партија која граѓаните ја покажаа на локалните избори.

Исто така, побараа и веднаш свикување вонреден Обединувачки Конгрес на кој би се трасирала иднината на партијата, а тој Конгрес да го спроведе независно тело комитет, предводен од лице со интегритет.

Петар Богојески, кој се обрати на денешната прес-конференција, не сакаше да шпекулира со имиња за тоа кое би било тоа лице со интегритет.

Сметаат дека вината за катастрофалниот пораз на локалните избори не смее да падне на грбот на локалните и месните заедници, а само Никола Груевски да нема одговорност.

„Бараме конгресот да го организира управувачки комитет на ВМРО-ДПМНЕ како времено тело, а ќе го предводи човек кој има персонален интегритет да обединува. Повикуваме на итна средба со Груевски и претставници од извршниот комитет за да ги утврдиме составот, начинот и рокот на дејствување на управувачкиот комитет“, рече Богојески.

Тој во име на „реформаторите“ ги повика сите членови и активисти да изберат меѓу патот на европската иднина кој го носат реформите или патот на минатото и пропаста во кој, како што рече, Груевски ја води партијата.

Тој му порача на Груевски дека интересот на ВМРО-ДПМНЕ е во обединување на ВМРО, а не во нови поделби.

„Бараме веднаш да престанат сите закани за исклучување од партијата на кој било член кој размислува слободно и демократски. Сега е време за обединување, а не време за нови фронтови. Нема да ви дозволиме да го докрајчите ВМРО-ДПМНЕ“, рече Богојески.

Тој ги повика сите релевантни политички субјекти во земјава да поддржат ново законско решение за дејствување на политичките партии во насока на нивна длабока демократизација за да се овозможи шанса за стабилен политички систем во Македонија.

Богојески најави драстично и пожестоко темпо на „реформаторите“ сè додека не ја демократизираат и реформираат партијата.

Според него, доколку се случат предвремени избори, ВМРО-ДПМНЕ би изгубила голем број пратеници.