Регистрирани се 10 пријави за нарушување на изборниот молк

Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови

од Vladimir Zorba
26 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Телма

За време на предизборниот молк заклучно до 7:00 часот утрово, односно до отворање на избирачките места, регистрирани се 10 пријави за нарушување на изборниот молк од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани, информира портпаролот на МВР Гоце Андреевски.

-Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови. Во врска со вчерашното гласање регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули“ во општина Шуто Оризари, при што е приведено едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот, посочи Андреевски.

Нагласи дека на сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето.