Реки од лава на Хаваите уништија 600 домови

од desk2
135 прегледи

Лавата од вулканот Килауаеа од почетокот на минатиот месец проголта речиси 600 домови на хавајскиот Голем остров, претворајќи се во најдеструктивната ерупција во модерно време, известува тамошниот локален функционер Хари Ким.

Според последните проценки, ерупцијата на еден од најактивните вулкани на светот ја надмина материјалната штета направена за време на непрекинатата акттивност која започна во 1983 година. Во тој период ерупциите со лава со себе однесоа 215 куќи и станбени згради.

Ким истакна дека Килауеа, еден од петте вулкани на големиот Остров, никогаш досега не уништил толку згради во толку краток период.

Последиците од последната вулканска ерупција, која во четвртокот влезе во 36 ден, се најпогубни за Соединетите држави уште од ерупција на еден друг вулкан во 1980 година, кој се наоѓа во северозападниот дел на државата Вашингтон, тврдат тамошните медиуми.

Во слична, исклучително силна ерупција на вулканот Фуего во Гватемала, оваа недела починаа повеќе од 100 луѓе.

Гувернерот на Хаваите најави основање на оперативни групи, кои ќе ги сочинуваат државни и локални функционери за да се донесе план за помош на населението.

Целта на основањето на работните групи е да се спречат толку големи материјални штети во иднина.