Илјадници мигранти преминаа во САД во последните денови, од Калифорнија до Тексас, а многу други пристигнуваат со автобуси и товарен воз во мексиканските погранични градови по рекордните миграциски текови понатаму на југ, што претставува нов предизвик за американскиот претседател Џо Бајден.
Драматичното зголемување долж границата – особено во Сан Диего, Калифорнија и во тексашките градови Ел Пасо и Игл Пас – означува пресвртница откако бројките драстично паднаа во последниве месеци и може да создаде нови политички проблеми за Бајден кој ја почнува сезоната на предизборни посети по градови.
Во мај, Бајден започна нови политики за да ги спречи илегалните преминувања, вклучително и депортирање на мигранти и забрана за повторен влез на пет години, додека неговата администрација се бореше со рекордната миграција. За еден месец построгите мерки ја намалија стапката на минување на границата за околу 70 отсто.
Но, неодамнешниот пораст на пристигнувања на границата, во комбинација со значително повеќе луѓе кои се упатуваат кон север преку Централна и Јужна Америка – возејќи опасни товарни возови низ Мексико – сугерира дека застрашувачкиот ефект се намалува.
Експертите велат дека САД немаат капацитет да ги приведат и обработуваат мигрантите на границата, што често ја оневозможува администрацијата да ги спроведе строгите казни што ги објави во мај.
Како резултат на тоа, некои баратели на азил кои нелегално преминуваат се пуштени во САД со иден датум на судење, наместо да бидат депортирани.
„(Администрацијата на Бајден) излезе со паметна стратегија, но нема ресурси или капацитет да ја спроведе“, рече Ендрју Селе, шеф на Институтот за миграциска политика.
Како одговор на прашањата на Ројтерс, Царината и граничната заштита на САД (ЦБП) соопшти дека ги обработува мигрантите „безбедно и ефикасно“ и ќе наметне последици, вклучително и депортација, на мигрантите без правна основа да останат во земјата.