Поголемиот дел од Западна Европа е зафатен од исцрпувачки топлотен бран.
Пожарникарите се борат со новите пожари додека рекордните температури ја зафатија Европа.
Велика Британија е позната по својата блага клима, но температурите за првпат преминуваат 40 степени. Во Германија е забележан најтоплиот ден во годината, додека во Португалија повеќе од илјада луѓе починале поради последици од горештините.
Уништени куќи
Смртоносните пожари беснеат низ Европа, а Светската метеоролошка организација на ОН (WMO) предупреди дека најлошото допрва доаѓа.
Топлотните бранови стануваат се почести, поинтензивни и подолготрајни, а причината се климатските промени предизвикани од луѓето.
– Вакви топлотни бранови во иднина ќе бидат нормални, а ќе бидат уште поекстремни – изјави шефот на WMO, Питери Талас.
Во Франција во понеделникот на 64 локации се регистрирани рекордни температури. На југозападот од земјата избувнаа најголемите пожари во изминатите 30 години. Од 12 јули, повеќе од 20.300 хектари изгореа во регионот Жиронд, познат по лозите. Речиси 37.000 луѓе беа евакуирани.
Покрај рекордните температури во Велика Британија, зголемен е и бројот на пожари. Во Венингтон пожарот уништи осум куќи и локалната црква, а пожарникарите ја опишаа ситуацијата како „пекол“.