Секогаш сум била приврзаник и поддржувач на партиските социјалдемократски политики од интерес на граѓаните и државата. Деновите по изборите, кога се лицитира со победник во трката за формирање влада (за што не се сомневам дека ќе ја предводи СДСМ), не можам, а да не забележам поддршка во промовирање на ликови, нивни ставови и опозициски внатрепартиски битки од страна на многу поддржувачи на СДСМ на социјалните мрежи. Можеби тоа е нивен став со кој не спорам. Имаат право на тоа, пишува на својот Фејсбук профил професорката Фросина Ременски.
Таа вели дека она што ја зачудува е прашањето, дали е заборавено против кого и против какви политики се боревме до 2016 година, и денес?
„Не сакам да верувам дека заборавивме, а очигледно некако се подзаборава.Откако се изредија со интервјуа, колумни и прозивки сите што не гласаа за евроатлантските клучни одлуки во Собранието (Поповски, Тодоров, Рангелова, Димовски), а силно се залагаат за тие вредности во реформата на нивната партија, по денешното интервју на Началникот, очекувам ја утре, ја до понеделник да се јави и Гордана Јанкуловска, а може и Орце Камчев ако сака. Уште само тие фалат.Додека ги чекаме нивните мудри мисли, заклучувам дека предметот АФИС-и на чело со Тодоров ќе слави јубилеј и амнестија.
Денешново интервју на осомничениот во Империја и обвинет во мега-случајот со масовното прислушкување и кршење на човековите права, Началникот Бате Саше е претставен како поранешен директор на УБК (она озогласеното ако ви текнува со кое раководеше 9 години).
Тој (замислете) зборува за “бомби”, за неовластено снимање, за труд, работа, углед, за европски и проамерички вредности, за демократија, за шанси, за иднина итн. Дури, не остава енигма дали, како незаменлив кадар ќе се врати во политиката, пардон бизнисот (небаре излегол). И секако, бисерот неоткриен во школката: Дали таа конзервативна партија што тој ја создавал со братучедот, така реформирана ќе ги признае сите политики спроведени од СДСМ, за доброто на државата?
Без да коментирам став на обвинето лице (кое популарно е нерелевантен став нели – за кого/како), ќе се согласам со една негова реченица во ексклузивното интервју, а тоа е дека, “Не знае човек дали да плаче, или да се смее”!
Ако мислите дека, промовирањето/споделувањето/поддршката на овие игри на троновите е наш социјалдемократска приоритет и интерес, и дека партијата ќе има некаква полза од овие бели, заштитени мечки од наследениот корумпиран, конформистичко-полтронски систем на нарачатели и извршители од нивните тефтери, тогаш се лажете сите до еден.
Заборавањето на криминалот и злоделата на овие интересовни упикувачи, транзитери е цената што секогаш скапо се плаќа, порано или подоцна.Византеријата во партиските дворови не е непозната работа за партиите, но секоја подршка на една византерија од страна на друга, и обратно е меч со две оштрици“, пишува Ременски.