Ременски за изјавите на Курти: Ако ги прашате граѓаните дали имаат доверба во правосудниот систем, тие ќе ви одговорат многу погрубо и поексплицитно

од Vladimir Zorba
780 прегледи

Премиерот на Косово, Албин Курти при посета на нашата земја во четвртокот во изјава за медиумите кажа дека ќе побара меѓународна помош, во врска со екстрадицијата на двајцата сторители на петкратното убиство кај Смилковско Езеро, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и покрај тоа што во овој случај има две правосилни пресуди и повторена судска постапка, објаснувајќи дека имало и други предмети во земјава кои, според негово убедување, не се разјаснети до крај и ја немаат целосната вистина .

Проф. д-р Фросина Ташевска – Ременски во разговор за Локално по повод изјавите на косовскиот премиер, вели дека не гледа причина тие да се политизираат етно-националистички, со цел да се „одбрани довербата“ во правосудниот систем.

Објаснува дека преку неговото барање за меѓународна правна помош во врска со екстрадицијата за двајцата осудени во случајот „Монструм“, го истакнува законското право што го има секоја држаава од која се бара екстрадиција на нејзин државјанин во друга земја, заради водење на кривична постапка или издржување казна затвор.

-Преку меѓународната правна помош како првно воспоставен механизам, земјата од која се бара да екстрадира свој државјанин, од барателот може да бидат побарани докази и аргументи врз основа на кои ќе може да се донесе одлука за екстрадирање или одбивање на барањето за екстрадиција на свој државјанин. Тоа како право го има и нашата држава преку Министерството за правда во случаите со барањата за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски од Грција, за Никола Груевски од Унгарија, па и за сега приведениот дипломат Миле Миленкоски кој се наоѓа во екстрадиционен притвор во Србија. Оттука, не гледам причина зошто изјавата на Албин Курти би била поразлично толкувана од резултатите од сите анкети спроведени во изминатите 10 години во кои граѓаните најголема недоверба имаат токму во правосудниот систем и судството, вели Ременски.

Меѓународната правна помош, според професорката, може да помогне до одреден степен.

– Тоа не значи дека, преку неа има механизам за повторување на постапки, но факт е дека може да помогне за добивање на дополнителни сознанија, затоа што во спроведување на таков механизам надлежните органи можат да прибираат, анализираат и обработуваат податоци собрани од други безбедносните служби и органи. Да не заборавиме дека, за случајот „Диво Насеље“ нашата јавност се уште се сомнева дека, само осудените се виновни за настаните во кои загинаа 8 полицајци, имаше голема бројка на повредени полицајци и во кој беа убиени припадници на терористичката група. Беше најавувана и меѓународна истрага која не се случи, а која со други зборови ги вклучува сите права и обврски на земјите преку механизмот на меѓународна правна помош. Останува прашањето дали и колку постои политичка воља кај државите за спроведување на овој механизам, смета таа.

Професорката не смета дека етничката припадност на обвинителот или судијата, како што беше токму во случајот „Монструм“ каде како застапник на обвинението беше вклучена обвинителката Фатиме Фетаи, а во судечкиот совет и судијата Осман Шабани, треба и можат да бидат аргумент за доверба или недоверба во правосудниот систем.

-Треба да бегаме подалеку од предрасудите и перцепцијата дека, ако етнички Албанци судат етнички Албанци, довербата или недовербата во правосудниот систем треба да биде поголема или помала кај етничките Албанци дома или во странство. И обратно, ако истата логика се примени на перцепцијата за Македонците, Турците, Ромите и сите останати. Секоја суверена и независна земја има право да ги оценува и преоценува основите за испорачување (екстрадиција) на сопствени државјани на други земји заради водење на кривични постапки или издржување на казна затвор. Тоа право подразбира испорака или неиспорака. Такво право имаат земјите од кои РСМ бара екстрадиција – такво право имаме и ние кога од нас како држава се бара екстрадиција на странски државјани, посочува Ременски.

Прашањето, според неа, дали и зошто Албин Курти нема доверба во нашиот правосуден систем не е прашање на кое треба да одговори тој, туку ние и нашите институции.

– Ако ги прашате денес граѓаните дали имаат доверба во правосудниот систем тие ќе ви одговорат многу погрубо и поексплицитно зошто немаат доверба во правосудните органи. Во тие одговори можно е да провејува етничката компонента и етнонационалистичкиот набој за одредени случаи кои имаа токму таква цел и кога се случија – да предизвикаат етнички и верски конфликт во државата (Македонци-Албанци), подвлекува проф. Ременски.

Истакнува дека час поскоро треба да ја напуштиме етнонационалистичката перцепција во оценката на квалитетот и довербата во институциите и да не се навредуваме кога некој ќе даде негативна оценка за нив.

-Впрочем тоа го слушавме многупати во минатото од претставници на меѓународната заедница, но не дадовме критика дека тоа го кажал некој Американец, Французин, Британец, Германец итн., како што даваме сега кога тоа го изјавил косовскиот премер Албин Курти, вели Ременски.

За тоа дали со ваква изјава Курти испраќа порака дека секој може да пребегне на Косово и да биде заштитен, таа објаснува дека сите независни земји имаат право на оценка и преоценка дали одредено лице државјанин или странец на/во таа држава ќе биде испорачано или не.

-Во таквите преоценувања преку механизмот на меѓународна правна помош најмногу се алализираат уставните обврски на државата (дали испорачува или не испорачува свои државјани на други земји), дали лицето кое се бара да биде испорачан е судено во отсуство или не, и дали доколку биде испорачано може да биде подложено на сурово и нечовечко постапување. Република Косово е независна држава која го гради својот меѓународно-правен субјективитет од 2008 до денес. Ние ја признавме независноста на Косово и со неа воспоставивме билатерални односи скоро на сите нивоа. Тоа го направивме затоа што како општество бевме и сме убедени дека, само преку градење на добрососедски односи можеме да имаме мир и стабилност на Балканот. Тоа се покажа во минатото, се покажува и денес, подвлекува Ременски.

На прашањето како нашата држава треба да реагира во овој случај, таа децидно вели дека е единствената правна постапка во овој случај е меѓународната правна помош, соработката во кривично правната материја и барањата за екстрадиција кои ги изготвува и испраќа Министерството за правда.

-Ние како држава треба да реагираме подеднакво за сите случаи во кои бараме држави да ни екстрадираат лица. Единствената правна постапка во такви случаи е меѓународната правна помош, соработката во кривично правната материја и барањата за екстрадиција кои ги изготвува и испраќа Министерството за правда. Ако сме доволно упорни и аргументираме во барањата нема потреба да стравуваме дали одредено барање ќе биде одбиено или не. Впрочем ние немаме како јавност информација дали имаме одбиени барања и за кои лица се однесуваат тие. Секакво друго реагирање, во смисла на политички потег или изјави нема да помогнат, напротив, посочи Ременски.

Б.М.

Слични содржини