РЕПУБЛИЧКИ ОБВИНИТЕЛ: Предлогот за Савески стигна во Собрание – од судски приправник до шеф на обвинителите!

Во предлогот за именување на државен Јавен обвинител нема образложение од Владата. Претходно премиерот изјави дека лично не го познава Савески, но смета дека би можел да биде одличен прв човек на обвинителството

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ТВ 24

Владниот предлог за нов републички Јавен обвинител стигна во Собранието – на 33 странци сумирана е биографијата, дипломите и искуството на Ненад Савески кој го доби „зеленото светло“ од Владата да биде кандидат за најпрестижната функција во правосудниот сиситем.

Во 1995 година матурирал во Гостиварската гимназија „Панче Попоски“ а четири години подоцна станал дипломиран правник на Правниот факултет при Универзитетот  Св. “Кирил и Методиј”. Правосудниот испит го положил 2003-та година, по што станува слушател-Учесник на почетна обука во Академија за обука на судии и јавни обвинители во првата генерација. Во 2014-та станува предавач на Акаедмијата. Во меѓувреме ја гради обвинителската кариера, од судски приправник и стручен соработник за граѓанско и кривично право во Основен суд Гостивар до Јавен обвинител во Основно јавно обвинителство во Скопје и Судија на Основен кривичен суд Скопје во одделот за организиран криминал и корупција.

Фото: Архива

Дел од предлогот што е адресиран до пратениците е и мислењето на Советот на Јавни обвинители, во кое, меѓу другото пишува:

„Како јавен обвинител во основното јавно обвинителство Скопје и како судија во Основниот кривичен суд Скопје-Одделение за организиран криминал и корупција овој кандидат се истакнува со стручност и квалитет и имал правилен однос кон донесување на јавно обвинителските одлуки кои ги носел како обвинител, а исто така и со постапувањето по судските одлуки“.

Фото: Архива

Во предлогот за именување на државен Јавен обвинител нема образложение од Владата. Претходно премиерот изјави дека лично не го познава Савески, но смета дека би можел да биде одличен прв човек на обвинителството.

„Јас лично не го познавам Ненад Савески, но од она кое што можев да го видам од неговата биографија, но и од распрашувањето, цениме дека би можел да биде добар, односно да не речам одличен нов државен јавен обвинител“, изјави премиерот Мицкоски.

Од опозициската СДСМ пак изјавија дека нема предвреме да го „осудуваат“ но посочуваат дека мора да биде независен и непристрасен.

„Професионалниот профил на предложениот кандидат за нов државен Јавен обвинител, Ненад Савески говори дека станува збор за човек со долгогодишно искуство. Но, клучното прашање е дали новиот Јавен обвинител ќе постапува независно, професионално, и непристрасно или под диктат на владата“ – посочија од СДСМ.

На потег е претседателот на Собранието која треба да ја закаже седницата за избор на нов републички Јавен обвинител кој се бира со просто мнозинство од 61 глас. Инаку Савески е бил и се уште е обвинител во повеќе високо -профилни случаи, тој го води повтореното судење за Драги Рашковски, еден од поранешните генерални секретари на Владата, а одлучуваше и притворски мерки во предметот „27 Април“.