Републиканците го скршија мразот: Позната поддржувачка на Трамп го обвини Израел за геноцид

Марџори Тејлор – Грин, сепак, не е единствената припадничка на Републиканската партија што отворено одби да го поддржува Израел – покрај нејзиниот колега Томас Маси, но дефинитивно е првата што го употребила зборот „геноцид“.

од desk2
19 прегледи

Марџори Тејлор – Грин, републиканска конгресменка и докажан поддржувач на политиките на претседателот на САД, Доналд Трамп, отворено го обвини Израел дека врши геноцид над Палестинците во Газа. Ова е прв ваков случај некој од Републиканската партија да излезе со осуда за Израел, оти политиката на Трамп и на неговата администрација, како и на републиканците е во поддршка на израелските тези, а ужасите во Газа ги премолчуваат.

Во реакција на веста дека нејзиниот партиски колега Ренди Фајн е избришан од списокот на политички фигури што ги поддржува еврејската лоби-група AIPAC – поради неговиот повик до Израел Палестинците да ги изгладнат до смрт – Тејлор – Грин директно изјави дека во Газа се случува геноцид.

Инаку, случајот на Фајн е навистина интересен, поради тоа што е санкциониран од лобисти – американски Евреи.

Конгресменката во постот нагласува дека Фајн „отворено повикува на изгладнување на невини луѓе и деца“, а потоа недвосмислено зборува за катастрофата на Палестинците и повторно го осудува Фајн.

„Највистинита и најлесна работа е да се каже дека 7 октомври во Израел беше ужасен и сите заложници мора да бидат вратени, но исто и геноцидот, хуманитарната криза и изгладнувањето што се случуваат во Газа. А тоа Евреин – американски конгресмен да повикува на постојано изгладнување на невини луѓе и деца е срамно. Неговата ужасна изјава всушност ќе предизвика уште повеќе антисемитизам“, пишува конгресменката од Долниот дом.

На 7 октомври 2023 година, Хамас изврши голем напад врз Израел, при што околу 1.250 Израелци беа убиени во ракетни напади или директно од припадниците на Хамас што сееја смрт на улиците и по домовите, а околу 230 Израелци беа однесени во Газа како заложници.

Марџори Тејлор – Грин, сепак, не е единствената припадничка на Републиканската партија што отворено одби да го поддржува Израел – покрај нејзиниот колега Томас Маси, но дефинитивно е првата што го употребила зборот „геноцид“.

Инаку, таа е еден од најголемите сојузници на Трамп во Републиканската партија, и е позната и по бројни контроверзни изјави, во кои има и многу со тези за заговори.