Реториката се вжештува, партиите со верски и етнички елементи во кампањата: Дали гласачкото тело се мобилизира со осветување крстови и скандирање на „УЧК“?

од Nikola Popovski
937 прегледи

Изборната кампања за двојните избори на 8-ми мај влегува во втората половина. Лидерите на партиите, заедно со носителите на листи, како и кандидатите за претседател, продолжуваат со презентирање на своите изборни програми. Сепак евидентно е дека се засилува реториката, па оттаму можеме да видиме спомнување на минати настани од црната историја на Македонија, но и осветување на крстови, со присуство на политичари кои се на кандидатските листи.

„Да не се враќаме во минатото и да се огорчуваме поради тоа што викав „УЧК“, бидејќи Ослободителната народна армија во јавноста позната како УЧК е гордост за Албанците и ја спаси Македонија“. Ова на митингот во Дебар го рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети при што порача дека нашата земја има свое место во Европа и дека сите заеднички треба да работат за остварување на таа цел. Ахмети притоа ја прокоментира изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека му испраќал емисари за да преговараат ДУИ да биде дел од владата.

Од друга страна, СДСМ најавува дека не треба да дојде „до враќање на старото време со кревки меѓуетнички односи, тепање во автобуси и напади на студенти по библиотеки“. „Нечесно е кон целиот народ, кон македонските граѓани, да одиш да бараш поддршка, да делиш ресори за да ги дадат гласовите. Но јас ве уверувам дека во гласовите на кандидатите кои отпаднаа има огромно мнозинство кои Македонија ја сакаат ваква – шарена со сите убави бои, со сите граѓани еднакви меѓу себе, со солидарност и со заеднички сили да оди напред“, му рече Пендаровски на лидерот на опозицијата, откако Мицкоски најави владина коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.

Дализоврираат“ меѓуетничките односи и на кого најмногу му одговара пред парламентарните избори?

За дел од јавноста, ваквата реторика е насочена кон создавање емоции кај гласачите. Според политичкиот аналитичар, Александар Илиев, се прави напор да се создадат перцепции дека иднина во која на власт ќе се противниците ќе биде полоша.

-Веројатно политичките субјекти кои користат вакви наративи веруваат дека ќе предизвикаат промени во ставовите на граѓаните. Меѓутоа, не е објективно да се очекува таков ефект, бидејќи во посочениот случај станува збор за веќе апсолвирана тема за која граѓаните имаат изграден став пред овој изборниот процес. Реториката за спомнување на УЧК од страна на Али Ахмети, со сигурност нема да нанесе штета за ДУИ, но веројатно ќе нанесе штета на СДСМ која е сегашен партнер во владата. Истовремено, оваа реторика ќе донесе поттик повеќе гласачи да дадат поддршка на партии како ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за Наша Македонија кои се изјаснија дека се против учество на ДУИ во следната влада, истакнува Илиев во разговор за „Локално“.

Околу осветувањето на крстови низ државата во време на изборна кампања, аналитичарот оценува дека овој начин на мобилизација на гласачи е насочен на придобивање гласачи преку создавање емоции.

-Најверојатно, овој метод ќе донесе поддршка од гласачи кои се христијани и кои веруваат во традиционални вредности. Истовремено со овие постапки ќе се предизвикаат поделби помеѓу граѓаните кои се атеисти и либерали и оние кои се поддржувачи на традиционални вредности. Таквата атмосфера ќе влијае за раст на национализам кој ќе биде предизвик за партиите после изборите, кога ќе е неопходно да се прават компромиси, објаснува соговорникот.

Александар Илиев

Изборните резултати од 24 април, додава Илиев, се јасен индикатор дека најверојатно ДПМНЕ и ВРЕДИ ќе имаат повеќе од 60 пратенички мандати. Логично е, вели, во следна владина коалиција да учествува и Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, а Левица, СДСМ и ДУИ да се во опозиција.

-Партиите ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ за Наша Македонија ќе бидат исправени пред предизвикот за компромиси поврзани со клучни ветувања кои наведените партии ги кажаа во тек на изборната кампања. ДПМНЕ и ЗНАМ за Наша Македонија ветуваат дека нема да дозволат промени на уставот без дефинирање јасни национални црвени линии и заштита на идентитетот. Понатаму, ДПМНЕ ветува укинување на механизмот за правична застапеност на етничките заедници „балансер“, а е против промени на Уставот во однос на начинот на избор на претседател на државата. ВРЕДИ ветува дека ќе продолжи европскиот пат на државата и нема да може да учествува во влада која нема да дефинира временска рамка за промена на Уставот. На маса ќе биде и наведување на албанскиот јазик наместо формулацијата „20%“ и други прашања како начинот за избор на претседател на државата. Овие ветувања на веројатните коалициски партнери ќе бидат клучни предизвици за формирање влада.

Значајно е што постојат големи причини  ВМРО ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ да бараат начин да постигнат коалициски договор. Сите три субјекти имаат за цел детронизирање на ДУИ. ЗНАМ за Наша Македонија преку учество во власта ќе биде во состојба да изгради стабилни структури низ цела Македонија и да се подготви за локалните избори следната година. ДПМНЕ ќе биде во состојба да ги повтори добрите резултати од 2021, па дури и да ја победи СДСМ во Струмица. Партиите кои се дел од ВРЕДИ ќе може да се надеваат на успех на локалните избори и конечно ДУИ да биде поразена и во апсолутни бројки. Затоа логично е да се бара компромис во кој би имало временска рамка за уставни промени, но координирано со други мерки како укинување или промена на „балансерот“, поддршка на здруженија во дијаспората и создавање документ во кој ВМРО ДПМНЕ и ЗНАМ за Наша Македонија ќе дефинираат национални црвени линии, посочува аналитичарот.

Објаснува дека етикетирање на политички неистомисленици и ривали со зборови како „манипулант“, не би требало да се користат од политичари во либерална демократија. За Илиев, лични навреди се метод за манипулација, бидејќи на тој начин, како што посочува, наместо дебата за процес се прави обид за дискредитација на политички ривал преку нарушување на неговиот авторитет.

-Политичката дискусија е континуиран процес и е сосема легитимно и поред и после изборите партиските субјекти да разговараат за можна соработка, потенцира соговорникот.

Најавите на лидерот на ВМРО ДПМНЕ за предизборна коалиција со „ВРЕДИ“, Илиев ги гледа како порака кон гласачите од албанскиот блок.

-Оваа порака веројатно треба да има неколку ефекти. Еден ефект е да се создаде перцепција  дека поддршка за ДУИ е бесцелна. Со создавање перцепција дека ДУИ нема да е дел од идна влада се има намера да се делува врз дел од гласачите, бидејќи дел од истите се склони да гласаат за победникот. Исто така ова е порака кон гласачи кои се можеби се под притисок на партиски структури на ДУИ за да не подлегнат на таквиот притисок. Оттука, треба да се очекува дека оваа порака на ВМРО ДПМНЕ има за цел да предизвика позитивен ефект за изборниот резултат на ВРЕДИ, заклучува аналитичарот.

Никица Корубин

Од друга страна, поранешната пратеничка и аналитичарка на состојбите, Никица Корубин има свое видување за наративот. Истакнува дека „дрското и неодговорно поттикнување на (квази) националистичка реторика, каде што нашите „патриоти“ експресно се вратија на албанофобијата, додека бугарофобијата паузира, во која „спротивставените“ страни си ја поддаваат топката во натпреварот во кој не (смее да) се знае кој е противникот, со свесна и несвесна помош на албанскиот блок – како да кажува дека исходот во првиот круг на претседателските избори е изненадувачки“.

-Звучи “шашаво” желбата на ВМРО-ДПМНЕ, нејзината кандидатка, да победела во првиот круг? Круг во кој процентот на излезност не е одлучувачки, и во која математички и статистички, малата излезност всушност значи големо процентуално качување во однос на апсолутната бројка на освоени гласови. Со други зборови и со релативно помал број на гласови, може да се достигне 51%. А, знаеме колку кај нив е популарна математиката и статистиката. Што, по автоматизам не носи, кон освоената бројка на кандидатот на СДСМ и до “магичната” проценка на неговите бројки, кои иако се чинат мали, дали всушност се неочекувано големи? Имајќи ги предвид сите “неофицијални и неформални” информации за сите замисливи и незамисливи непотврдени средби, неприродни коалации и замислени реализации, истакнува таа.

Според Корубин, „само нормалноста може да помогне, која разбирливо во свесно индоктринирано милје, не смее да има призвук на рационалност“.

-Единствено рационално е да „се отворат картите“ и секој учесник на изборите да каже отворено за што всушност се залага. За на да не мора да глумат, патриоти или европејци. Ама, така не ги учел менторот. Кој деновиве достигнува нови нивоа на глобална бламажа. Па, затоа можеби е само трик дека изборите не се одржале. Реториката на нашите партиско/партократски/клановски структури вели дека тие веќе поминале. Каков фрапантен (анти)демократски изблик и самодоверба, посочува екс-пратеничката.

Н.П.

Слични содржини