Политичко-економската сага наречена нови царини на САД која кај нас има елементи и на боливудска сапуница уште еднаш го покажа сиот политички аматеризам на режимот во Република Северна Македонија, нивната политичка неспособност и збунетост, но и моделот на функционирање на нивниот агитпроп. На дело повторно ја гледаме нивната веќе вообичаена самопротивречност, политички лаги и медиумски трикови со кои се обидуваат пак да ги прелажат нивните неинформирани и помалку образовани гласачи. За подробна илустрација на сагата наречена нови американски царини да направиме реконструкција на стадиумите на развиток на конфузните и самоконтрадикторни политички изјави и постапки на режимот. Така ќе стане уште појасно колку оваа влада ја турна државата во погубен дискурс на надворешна политика со што етапно ја доведува до меѓународна изолација и загрозување на позициите па и државниот статус надвор од оската Додик – Орбан – Вучиќ.
Ако се сеќавате, оној што е на функција премиер на Република Северна Македонија (името не го вратија, значи, Северна сме) прво тврдеше дека немало да има нови царини за РСМ оти, нели, тој бил во првиот периметар на Трамп или така некако, па нели дури трипати беше во САД, а Американскиот министер за трговија Хауард Лутник наводно му бил личен пријател (!). И ако имало нови царини за ЕУ, тоа било шанса за Република Северна Македонија, реекспорт ќе правеле преку нас од ЕУ (што би било шверц и трговска измама по што би следеле санкции од САД, ММФ, СТО, ЕУ итн. но тоа е друга тема). Потоа, на Република Северна Македонија под диктатура на мицковистичко дпмне, Влен и Знам, нивниот омилен Трамп сосе неговиот личен пријател министерот за трговија на САД ставија дури 33 проценти царина, а на Албанија и Косово само 10 проценти. На ЕУ само 20 проценти. А нему, како ептен близок на Трамп, да потсетам, дури 33 проценти! Потоа, замислете, рече дека тие царини не биле неочекувана одлука на Трамп, иако пред 2 недели самиот рече дека нема да има царини за него т.е. нив т.е. Република Северна Македонија!
Потоа, политички лажеше дека тие 33 проценти царини немало да имаат негативен ефект за економијата на Република Северна Македонија, што е тотална лага бидејќи берзите веднаш имаа негативен тренд односно минусно салдо. Спомена и нешто дека наводно имале некаков план за решавање на проблемот. Притоа, замислете, некои агитатори на режимот уште бладаат дека новите високи царини ќе немале негативен ефект врз економијата, што, сосема јасно, е ефтина пропаганда. Потоа, ликот што за наша жал е на функција премиер на Република Северна Маккедонија кажа дека тоа било некаква грешка (!!) и дека е во постојан контакт со администрацијата на Трамп ( таа што му стави дури 33 проценти царина, истата таа) и очекувал „уште денес“ добри вести (беше кажано на 06.04.2025 година, значи пред дури 4 дена, а добри вести до ден-денес нема). За толку кратко време толку многу самопротивречни изјави се вообичаен агитпроп модел екстраполиран врз се што доаѓа речиси година дена од владеачката клика а претходно 7 години од мицковистичко дпмне. Од пропагандистите на режимот беше споменувана и можноста за некаков договор за слободна трговија, па дури и намалување на нашите царини кон САД до нула проценти (sic!!). Инаку, од првиот ден секому со основно образование му беше јасно дека единствен начин за намалување на царините на САД е најпрво намалување на нашите царини за нив, што уште веднаш следниот ден откако Трамп ја покажа листата со новите царини, го направија Виетнам и некои други држави. Трамп вчера експицитно кажа дека ќе има поединечни преговори со секоја држава во врска со евентуалното намалување на царините. Значи, веројатно диктаторскиот режим во Република Северна Македонија ќе ги намали царините кон САД и потоа би требало да следува намалување и на нивните, иако прашање е дали ќе се случи тоа – затоа што Јас сум уверен дека за царините на САД е битен и политичкиот аспект, а овој премиерот на Република Северна Македонија, да не заборавиме, даде поддршка на Палестина како независна држава, што е директно против политиката на Израел и САД. Патем кажано не е точно тврдењето дека нашата трговска размена со САД во 2024 е во негатива, односно сме во дефицит. Според податоците на Државниот завод за статистика, Република Северна Македонија има дефицит во размената со САД само ако се пресметаат добрата и услугите, но ако се исклучат услугите и се пресмета само трговијата со добра, тогаш САД има дефицит од околу 113 милиони долари.
Поважно е нешто друго. Имено, уште во првиот миг кога ја видов табелата на новите царински тарифи на САД знаев дека тие генерално имаат политичка, а не економска логика. Ми беше јасно дека позади бројките постојат и други критериуми, а не само наведените од кои клучен е трговскиот дефицит на САД поделен со вкупниот увоз од конкретната држава, поделен на две, или десет проценти, во зависност од тоа што е повисоко. Потврда за тоа мислење – дека новите царини на САД имаат (и) политичка позадина односно логика – пристигнуваат секој ден, преку темелни анализи на бројките а кои во суштина покажуваат дека истите немаат економска логика. Се разбира, новиот суверенизам како политички и економски концепт на Трамп доследно е применет и преку оваа нова табела на царини, и ако апстрахираме од анализа втемелена на морални стојалишта за негативните последици за светската, глобална економија на крајот доаѓаме и до консеквентниот заклучок дека суверенистичките САД нема да ги објават тие други критериуми врз кои е направена табелата, листата за новите царини. Суверенистите воопшто и не чувствуваат обврска да ги аргументираат своите одлуки подробно, а уште помалку да ги оправдуваат своите економски и политички постапки. Прагматичните Американци си донеле своја суверена одлука, главното економско обаснување е погоре презентираната формула а другите мотиви и позадини нема да ги соопштат. Но, истите можеме да ги претпоставиме следејќи ја политичката логика. Најновата одлука на Трамп за воведување на 90-дневна пауза на новите царини (со исклучок на Кина), во суштина не менува ништо. Во преговорите ќе бидат присутни и политичките аспекти за секоја држава поединечно па така и за Република Северна Македонија.
Значи, според бројни научни анализи – од кои се истакнува онаа на American Enterprise Institute , на истражувачите Кевин Коринт и Стан Вегер, објавена на 4 Април, новите царини на Трамп не се втемелени на економска логика. Тие тврдат дека според наведената формула за пресметка на новите царини „Табелата (на царини – заб.Тони Н.) подолу покажува дека во ниту една земја царината не би надминала 14 проценти, а кај мнозинството би останала на 10 проценти“. Оттаму, авторите децидно заклучуваат дека „Нашето мислење е дека формулата што ја користи администрацијата нема никаква основа ниту во економската теорија, ниту во трговското право. Но, ако веќе се преправаме дека таа формула е валидна основа за трговска политика, барем треба да очекуваме дека пресметките ќе бидат точни. Поправката на оваа грешка би придонела за либерализација на трговијата, што би било добро за економијата и можеби би помогнало да се избегне рецесија“.
Како што може да се види, и Американските научници исто како и оној што е на функција премиер на Република Северна Македонија сметаат дека новите царини се грешка! Ама, за разлика од нив, јас мислам дека не се грешка. Затоа што тие имаат (и) политичка логика а не само стриктно економска која дури би била и по некаква грешка со пресметката и бројките. Самото тоа тврдење дека формулата нема основа во економијата или трговското право всушност значи дека мислењето за постоење на други критериуми при составувањето на листата има валиден доказ и аргумент. И така, мора да остане забележано и кај нас (за САД не се сомневам, тие помнат се), сеедно дали од незнаење или со намера за некаква манипулација на гласачите, дека премиерот на Република Северна Македонија рече, верувале или не, царините на Трамп за нашата држава биле по грешка! Со тоа не само што го навреди нашиот најсилен стратешки партнер туку се обиде и да ја префрли својата политичка вина и одговорност за царините од дури 33 проценти кај Трамп односно на некаква грешка или погрешни информации. Замислете, најсилната држава во светот, со милиони компјутери и датотеки, со амбасади низ целиот свет, со милиони службеници и искусни економисти по министерствата – направила грешка за царините од дури 33 проценти кон Република Северна Македонија под диктатурата на мицковистичко дпмне, Влен и Знам. Каков виц! А како не згрешиле за Албанија и Косово, само 10 проценти наспроти 33 за нас?!
Врз основа на овие и други факти и индиции, Јас сеуште сум мошне уверен дека причината за тие високи 33 проценти царина се наоѓа токму некаде во неговата (односно, на владата на РСМ) погрешна и лицемерна надворешна политика, не само во врска со Палестина туку и за многу други работи. Па дури, барем се надевам, можеби и во фактот дека се повеќе на светот па така и на САД им станува јасно дека во Република Северна Македонија е воспоставен диктаторски режим, а светот и САД не трпат такви, посебно не во 21 век. Прашање е до кога ние, обичниот народ, ќе го трпиме.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.