Резолуцијата на Венко и Мициленд под Синајската гора

Колумна на Науновски: Со таа резолуција им се дава политички легитимитет на нивните (на Дпмне) црвени линии – некакви гаранции од ЕУ – и јамата во која е закопан Мициленд се затвора, затоа што, па тоа сигурно и во славна Дебарца ем комитско Ташмаруништа го знаат, гаранции нема, не може да има, и нема да има

од Nikola Popovski
47 прегледи

Со растреперени души и немир во срцето го исчекуваме утрешниот ден, судбоносниот ден за РС Македонија, големиот ден на соопштувањето на резолуцијата на СДСМ за ЕУ, популарна меѓу народот како резолуцијата на Венко. Дури и самото име резолуција го истакнува круцијалното значење, ја потенцира драматичноста на мигот, налик на резолуцијата на Информбирото после која Тито прогони илјадници Македонци на свирепиот голи оток. Дури и слично на таа резолуција, се разбира без никаква намера да драматизирам, сепак некако се плашам дека тој ден, утрешниот ден, денот на резолуцијата на Венко, може да биде ден кои на некаков начин индиректно може да воспостави нов голи оток на Македонците; да биде многу лош ден за Македонскиот народ и иднината на оваа каква-таква држава – ако воопшто после утре, после резолуцијата, и има иднина, барем во ЕУ. Утре мициленд барем на еден ден ќе се претвори во Синајска гора, а ние во нестрпливи слушатели на громогласно соопштените резолутни вистини на Венко, налик на божјите заповеди извикнати од Синај директно од Господ кој му се обратил на Мојсеј и ги напишал на камени плочи. Во таква возбудлива состојба, во исчекување на просветлувањето, во исихастичко созерцание, молитвено тихување пред Господовите вистини, некако внатре себе се надевам дека сепак барем шармантната Фани ќе ни ги соопшти тие фамозни црвени линии на Венко односно СДСМ – белким така, со нејзиниот лик, тие шокантни вистини односно црвени линии полесно ќе ги поднесеме отколку ако, далеку било, бидат обелоденети на нас, утрешните кутри Синајци во мициленд, од некои од купчето таму од времето на Заев, тоа би било ептен неподносливо. Има и слики со библиски мотиви кои совршено го доловуваат овој утрешен свечен и радосен миг, радоста на нетрпеливоста и смирението на душата на луѓето во мициленд – а утре Синајска гора – на пример сликата на Лукас Крана „Распнување на Христос“ насликана околу 1510 година, а која имав можност да ја видам во Штадел музејот во Франкфурт.

Пак и пак ги тријам очиве вчудоневиден дали навистина така кажал Венко, како што пренесуваат повеќе весници (транскрипт, цитати од снимката од тоа антологиско интервју на тв сител), и уште не ми се верува, не е можно ама е стварно. Па така, поради веродостојност, издвојувам неколку наслови/цитати – „Ајде тогаш да донесеме заедничка резолуција наша во Собранието, во која ќе ги кажеме нашите црвени линии. Еве ако тоа се случи ново вето, да ги прекинеме преговорите со ЕУ.“ – предлага Филипче. Цитирано според текстот „Филипче со предлог: Ако има ново вето од Бугарија веднаш да ги прекинеме преговорите, време е за резолуција со црвени линии – бриф.мк., 29.08  2025. Идентично и овде – Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на 29 август 2025 предложи Собранието да усвои заедничка резолуција во која ќе се дефинираат „црвените линии“ за македонските евроинтеграции. Според него, потребна е јасна позиција околу заштитата на јазикот, идентитетот и историјата, за да се избегне нова рунда блокади во процесот. Дополнително, Филипче смета дека, доколку Бугарија повторно стави вето, Македонија треба да ја прекине преговарачката нишка со Европската унија., – цитирано според Рацин.мк, 01.09.2025. Истото ова го има и на повеќе други весници, така што за жал нема можност за сомневање дека така било кажано. И само уште ова  – „Целта е национален консензус “(sic!) – цитирано според 24инфо.мк., 29.08.2025.

Ете така, значи, Венко веќе ја соопшти суштината на неговата резолуција – ако има ново вето од Бугарија тогаш РС Македонија  да ги прекине преговорите со ЕУ. Да да, добро прочитавте. И мене не ми се веруваше, кога слушнав и прочитав, и уште не ми се верува, но тоа е – ете, дочекавме комитскиот СДСМ на Венко да најавува можност да ги прекинеме преговорите со ЕУ. Значи, збогум ЕУ. И тоа не го кажува дпмне мицковистичко, туку СДСМ на Венко и Заев. Ако некој сепак сеуште мисли дека ова е грешка и дека ова е исто што го велат од дпмне, не е единствен, впрочем и јас мислев дека овде како да има некој холограмска, колективна метемпсихоза меѓ у оние од СДСМ и Дпмне мицково, помеѓу заевите мициња и мицковите заевисти, така да се каже – некаков мистичен хилозоистички преплет меѓу ставовите на Венково и Заево СДСМ со оние на мицково Дпмне.

Со години „мајсторите“ на валкани политички игри, кои додуше можат да се третираат истовремено и како мошне приглупи и ефтини трикови, се обидуваа да ги вовлечат СДСМ во пропагандната нарација со која излажаа многу припрости т.е. неупатени гласачи,  и на тој начин да им ја зацврстат диктатурата – нема промена на Уставот без гаранции дека тоа е последно барање од Бугарија (истото што го вели и Венко, нели) – и еве, успеаја конечно во тоа. Интересно, гордата Гордана Претседателката тоа пластично го дополни со барање СДСМ да им се придружат на Дпмне и папагалски да повторуваат пред странците (читај ЕУ, странците) дека без гаранции нема промена на Устав. Така де, само придружете се во позицијата на дпмне за ЕУ и во разговорите со ЕУ, бидете приврзок на дпмне и нивниот „став“ кои не е повеќе политички и национален ќорсокак туку отворен темен пат во амбис, како што впрочем ние, обичниот народ, го гледаме секој ден (ненормални цени по продавници, најмала минимална плата во Европа, царство на олигарсите кои непречено се богатат со режимот на Дпмне, а б елким не е тоа и цел и на двоецот од јахтата: Заев-Венко). Ако се сеќавате, неколку пати досега неуспешно се обидоа од дпмне мицковистичко да ги натераат оние од СДСМ да им се придружат односно ја прифатат нивната флоскула – нема Бугари во Устав без гаранции дека тоа е нивно последно барање. Значи, не одложено дејство на Уставните промени туку – гаранции дека е последно барање. И за жал, еве, сепак успеаја. И отсега, од утре, државна позиција, консензуална меѓу СДСМ и Дпмне, е/ќе биде таа позиција, а таа „позиција“ просто кажано, значи – збогум ЕУ. Сите знаат  дека такви гаранции не е можно никој никогаш да даде затоа што тоа е спротивно на фундаменталните принципи и самата внатрешна организација на ЕУ, па ако сакате и на самата идеја за ЕУ. Истото стопати досега е кажано од најразлични високи претставници на ЕУ, па и многумина од СДСМ, а впрочем и навистина, како што директно еднаш кажа Олаф Шолц, нема други барања на ЕУ (не Бугарија) освен оние содржани во преговарачката рамка.

И што друго, тогаш, би можела да биде во суштина таа резолуција ако не поддршка на режимот и мицковистичко дпмне да остане надвор од ЕУ, а тие истите да бидат, останат „патриоти“? Со таа резолуција им се дава политички легитимитет на нивните (на Дпмне) црвени линии – некакви гаранции од ЕУ – и јамата во која е закопан Мициленд се затвора, затоа што, па тоа сигурно и во славна Дебарца ем комитско Ташмаруништа го знаат, гаранции нема, не може да има, и нема да има. И така, ете од утре, ако има вакво утре, ќе нема повеќе разлика меѓу мицково Дпмне и заево-венковото СДСМ. Ако е за утеха, од утре оние од СДСМ ќе станат асли Војводи и Комити, поголеми од Дпмне (тие беа лажни), олицетворение на борбата и непокорот кон странците, кон ЕУ. И за разлика од мицковистичките фејк комити, овие на Венко и Заев изгледа се сериозни во намерата „корења ќе јадеме, Бугари во Устав не впишуваме! Без гаранции де (а гаранции нема)“. Маката е во тоа што на Венко војводите – функционерите и пратениците негови, нема да јадат корења со 3000 евра пратенички плати и патни трошоци, туку ние, обичниот народ. И затоа, мислам дека е подобро да ги нема утре по медиумите СДСМ и Венко, за доброто на нас. Светот не е дизниленд туку Дарвинова џунгла. Без ЕУ и тоа набрзо, Мициленд или ќе биде колонија во секоја смисла на зборот или ќе биде Етиопија на Балканот. Затоа, молчи утре, Венко.

А задутре поднеси резолуција/предлог во Собранието за промена на Уставот со цел интеграција на РСМ во ЕУ. Ако Дпмне гласаат против, нека види ЕУ и народот кои се виновниците за економското, општествено и политичко пропаѓање на мициленд.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини