Резултати од израелска студија: Вакцината на Фајзер го запира преносот на коронавирус

од Stefanija Kuzmanovska
306 прегледи

Вакцината на Фајзер/Бионтек, која беше воведена во националната програма за имунизација во Израел на 20 декември, беше 89,4 отсто ефикасна во спречување на лабораториски потврдени инфекции, се наведува во копија од нацрт-публикацијата објавена на Твитер, која беше потврдено од лице запознаено со работата, пишува „Блумберг“.

Компаниите кои ја произведоа оваа вакцина против коронавирусот и израелското Министерство за здравство работеа заедно на студија која сè уште не поминала рецензија.

Резултатите, објавени и во „Шпигел“, се последните во низата позитивни податоци што доаѓаат од Израел, земја што води во бројот на луѓе вакцинирани против коронавирусот. Скоро половина од популацијата примила барем една доза на вакцината.

Независно од оваа студија, израелските власти соопштија дека вакцината на Фајзер/Бионтек е 99 отсто ефикасна во спречување на смрт од вирусот.

Раните резултати на лабораториски потврдените инфекции се важни затоа што покажуваат дека вакцината може да спречи асимптоматско пренесување на вирусот, што е од голема важност и за мерките за ублажување и за економскиот раст.

„Фајзер“ и „Бионтек“ објавија дека работат на анализа на податоците од Израел, кои ќе бидат презентирани веднаш штом ќе заврши анализата. Портпаролите одбија да ги коментираат необјавените податоци.

Вакцината на „Фајзер“ штити од инфекција со коронавирус во 75 отсто од случаите, покажа новата студија објавена пред три дена во „Лансет“. Студијата го испита ширењето на вирусот меѓу израелските здравствени работници и откри дека вакцината е ефикасна во спречување на развој на симптоми по првата доза. Во студијата учествувале 7.000 здравствени работници од медицинскиот центар Шеба во Израел – најголемата болница во земјата.

Слични содржини