Рибарев добил речиси 3,5 илјади евра од Министерството за правда

од Aleksandar Todeski
556 прегледи

Безмалку 213.000 денари, или 3.460 евра од буџетот на Министерството за правда се одлиени на сметката на поранешниот в.д. претседател на Кривичниот суд, Стојанче Рибарев, кој беше на таа позиција од март до октомври 2017 година, кога си поднесе оставка. Тој е познат како судијата кој откако застана на чело на Кривичниот суд, направи хаос во судот, кога голем број на судии кои се повразни со опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги стави како судии во кривична постапка, а кои според неговиот распоред, требаше да судат по предметите на Специјалното Јавно обвинителство.

Рибарев парите ги зел како хонорари, под назнака „Други образовни услуги“, а му биле исплатени во периодот од 2010 до 2016 година, кога тој брзо напредувал во кариерата. Во 2010 година, кога првпат зема хонорар од Министерството за правда, тој е претседател на Апелацискиот суд во Штип, позиција на која се задржува до 2016 година. Во 2016 година, пак, кога му е исплатен и најголемиот хонорар од 50.000 денари, тој е судија во Врховниот суд.

Локално претходно објави и дека поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, кој беше и претходник на Рибарев, исто така добил хонорари од Министерството за правда.

Според документите кои Локално ги доби од Министерството за правда, суспендираниот судијата кој е обвинет за злоупотреба на АКМИС системот од јануари 2013 до септември 2016 година, но и осуден за мобинг, тужен од Горан Стаменковски, поранешен раководител на Одделот за човечки ресурси во Киривчниот суд во Скопје, хонорарите ги добил затоа што подготвил 67 прашања и 30 студии на случај за предметот Кривично право, за Академијата за судии и јавни обвинители, за што во 2015 година добил 50.000 денари, но и 15.000 денари бидејќи бил дел од Работната група задолжена за измени и дополнување на Законот за кривична постапка во 2014 година.

И Рибарев и Панчевски во јавноста се поврзуваат со тогашната владејачка, а сега опозициска ВМРО-ДПМНЕ. Според информациите кои кружат во јавноста, Стојанче Рибарев бил близок пријател на Филимена Маневска, сопруга на поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, кој го раководел министерството и во време кога Рибарев добивал хонорари. Името на Владимир Панчевски беше споменато во извештајот на Американскиот Стејт департмент, бидејќи тој како поранешен претседател на скопскиот Кривичен суд, заедно со поранешниот претседател на Врховен суд, Јово Вангеловски, судијката во Кривичниот суд Сoфија Лаличиќ, поранешната членка на Судскиот совет, Александра Зафировска и Светлана Костовска од Вишиот Управен суд, дозволиле политиката директно да се вмеша во судството.

Хонорарите кои тие како судии ги земале од Министерството за правда се косат со Кодексот на судиска етика донесен во 2014 година, каде е наведено „Секој судија е должен да ги препознае и да се заштити од случаите кои се подведуваат под судир на интереси и корупција“, нешто што може да се препознае и во случај кога судии добивале хонорари од извршната власт.

Александар Тодески

Слични содржини