Римски мост преку кој не стапнал ниту еден Римјанин

од Vladimir Zorba
249 прегледи

 

 

 

Сам, во величествена белина, под падините на Игман. Веќе долго време не нанесува патници преку неговиот грб. Последниот век сите патишта ги однесе на другите страни. Сто години поминаа откако одекот на потковиците од каменот за последен пат се слушнал во бистрината под него. Во зима самотијата е грациозна како лебед. Од игманската страна ѕуни историска тишина. Од Сараево брчат автомобили, брзајќи кон стариот пат кон југ. Од надвиените врбови крошни сонцето се простира преку ињето, како превез, како света вода. 

Снегот го покри и полскиот пат, единствен по кој некој можеше да дојде. Тие сончеви зраци, складно со стопената белина го помилува некогаш поглед на некој патник што поминува низ стариот мостарски пат. Колку ли имаат смелост и фантазија, па да ги затворат очите и да посакаат коњ под себе? Да пројаваат преку мостот со громогласен топот. Тоа е одамна целата негова функција: да го буди сонот и да ја разбуди фантазијата кај децата и кај тие што во градите кријат детско срце.

На пролет ќе дојдат љубовни двојки. По љубовта, прегрнати ќе застанат како на јарбол на брод. Колку ли фантазијата ноќта ќе ја претворат во море? Месечината од нив ќе го измие секој грев. Потоа ќе дојдат излетници. Сите ќе пијат ракија, нема ни да го забележат, се додека третото литро пиво не им нацрта брод и палуба на која се нишаат пијани морнари. Во својата искривена фантазија ќе посакаат да запловат на тој едреник. Наместо со шампањ, ќе го гаѓаат со пивски шишиња. Зад нив ќе останат изгаснати скари, смет и срчи што светкаат под водата како бакар.

Прва белешка за мостот

Не постои на целиот свет Римски мост преку кој не стапнал ниту еден Римјанин. Не се знае точно која година мајсторите чукале со своите алати, тука под самото врело на Босна. Па сепак, по него поминал и прв го забележал неговото постоење еден патник намерник потомок на римското граѓанство. Историјата вели дека прв го спомнал во книга и во неа запишал 84 годишен старец од угледно венециско семејство.

Тука јавал и млетачкиот пратеник Катарин Зено во пролетта во 1550 година. Со него јавале 30 најхрабри Сплиќани. Преноќиле во Блажуј, а потоа поминале преку „реката која извира во подножјето на планината на која не и го знам името, а до неа води камениот мост со седум лаци, од кој се гледа како водата навира од височините”.

Патувал Зено од Венеција во Истанбул како делегат на Млетачкиот совет. Сигурно често размислувал за таткото чии коски во име на Републиката чкрипеле по безбројните друмови. Не ни мислел дека моментот кога ќе се сретне со него ќе биде толку блиску и дека Босна му е судбина доделена како чаша од која ќе ја испие смртта. Ја испуштил душата на Чемерно. Бил префрлен во Високо од каде неговите останки биле вратени во земјата, покрај многуте дубровнички трговци кои ги задесила смрт во Босанското кралство.

Дали Катарин Зено размислувал дека смртта го пуштила да го види и тој мост, бел како девица? Дали нешто претчувствувал додека газел преку Добриње, или додека гледал во таа безимена рекичка која тече меѓу двата брега и сред селото? Таа ноќ, додека под свеќа излеана од босански восок, ги запишувал своите впечатоци од претходниот ден, дали претчувствувал дека неговата рака за последен пат го држи перото по хартијата и го натопува во мастило?

Мост без легенда

Еве како првиот западен патописец кој Врвбосна ја спомнува по нејзиното ново име, како Сараево, пишувал за касабата која наутро ќе го испрати во смрт: „Гратчето се простира меѓу тие брегови од двете страни на рекичката: полно со градини и добри овоштарници; тоа е трговско место населено од Турци и христијани. Куќите се градени од дрво, камен и земја. Тука има многу џамии и караван сараи. Сараево има и тврдина, изградена на врвот на брдото. Гратчето брои до 10.000 куќи, а секоја куќа има свој чардак и градина”.

Малку се мостови во оваа земја кои така складно се стопуваат со природата. Зарем доволно за тоа не зборува сознанието дека во овие пет века колку што се надвил над Босна, ни на најдобрите писатели на сказни не им паднало на памет да напишат некоја легенда. Со ништо ова гратче не ја разбудила народната фантазија, која во тоа време можела да ја разбуди дури и карпата која со својот облик, како некој бунтовник, се издига од се околу неа и повикува од човек приказна, да ја обвитка со неа, да ја издвои и понесе низ времето.

Целата нејзина убавина извира од страничните карпи и брегови и со ништо не се стремат да ја надминат околната прекрасна природа.

„А можеби сараевските легенди не оделе на запад подалеку од Злобната Карпа? Дали тука, на Пландиште, каде стоката пиела вода по речниот тек, имало населби и во нив луѓе кои со приказна својот дух ќе го поврзат за овој мост? Ете, дваесет и некоја година пред Зена поминал и словенечкиот патописец Бенедикт Курипешиќ, кој не го спомнува мостот на реката Босна. Од тука излегува заклучокот дека тогаш и не постоел и дека бил изграден во годините меѓу неговото и Зеноновото патување. Преноќил во Раковица, а наутро тргнал кон Врхбосна, преку селото Блажуј, кое пред неколку години беше голем град, а сега едвај има 12 куќи”. Но, мостот со ништо не ја разбудувал фантазијата, а патниците биле премногу уморни со приказна да ја тешат стварноста.

Курипешиќ не го спомнува ни Сараево. А токму тука, на бреговите на реката Босна, ги чекал „војводата Мурат со 130 коњаници, господата убави ги дочекал и ги испратил до селцето наречено Ковачи”. Веќе тогаш најголемиот сараевски добротвор знаел дека Римскиот мост ќе биде западен праг на овој град. Со Хусрев-бег, „крупен и силен човек”, кој веќе тогаш сигурно во главата го носел целиот план за иден шехер, се сретнале во селото Главогодина. За таа ауденција сведочи и еден дрворез. Ги дочекал во колиба сплетена од прачки, послана со скапоцени килими, под која течело поточе, а до влезот се приоаѓало преку шпалир од богато облечена стража.

Остатоци од римската населба

Сето морало да дише на свеченост бидејќи Курипешиќ не бил само обичен патеписец. Тој бил и преведувач во делегацијата на Фердинанд до султан Сулејман, составена од словенечки грофови и хрватски витези. Имале задача тогаш, по Мохачката битка во Истанбул да потпишат примирје и да понудат на султанот 100.000 форинти. Историчарите велат дека Сулејман ги примил и ги одбил парите. Кога се вратиле, цел ден го поминале утка, во Врхбосна, со претчуство дека со своите домаќини наскоро ќе се судрат под ѕидините на Будим.

Ете, за секогаш ќе остане непозната годината на изградбата на мостот, но затоа сигурно се знае дека е изграден од остатоците на римската населба и дека затоа и носи толку чудно име. Историчарите пишуваат дека во него е заѕидана и камена плоча со релјеф на која стои гол човек, левата нога му е преку десната, десната рака подигната над главата, а левата навалена преку градите. Годините и силните реконструкции целосно ја оштетиле.

Денес преку Римскиот мост поминува само по некој љубопитен човек, духовно доволно богат, убавините на овој мост да го натераат да го запре возилото и за момент да заборави каде се упатил. Преку него поминуваат и ретки туристи, велосипедисти или жителите на тие неколку куќи од левата страна кои така го кратат патот кон Илиџа.

На него сепак најмногу се задржуваат децата. Додека нивните родители работат околу скарите, тие играат игра која може да се игра само на мостот: секој одбира краток стап и на три го фрла во реката на страната каде на столбовите се закануваат страшни мразулци, а потоа трчаат на другата страна и чекаат чив стап прв ќе се појави. И така, занесени, ја повторуваат играта, се додека не ги викнат родителите, време е деца, да не се излади месото.

Ал Џезира Балкан – Сараево