Ристески демантира дека земал 100.000 денари за каснување од куче

од Љубиша Владимиров
31 прегледи

Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, се соочи со обвинувања откако се појави информација дека добил отштета од 100.000 денари поради инцидент во кој бил каснат од куче. Според него, тие тврдења се целосно неточни и ги демантираше.

Ристески потврди дека навистина бил нападнат од куче минатата година, но категорично негира дека добил било каква финансиска компенсација.

„Изминатиов период на еден поткаст, а потоа и на нивниот интернет портал беа искажани и објавени информации дека сум добил 100.000 денари од Општина Прилеп бидејќи сум бил каснат од куче. Точно е дека мината година бев нападнат од куче и каснат, но веста дека сум добил оштета и имало пресуда е целосно лажна“ стои во објавата на Ристески на неговиот фејсбук профил.

Тој дополнува дека е спремен да поклони средства доколку се најде било каква доказна документација за наведената отштета.

„Ако најдат еден денар дека сум примил по овој основ, спремен сум средствата да им ги поклонам. Борбата против лажните вести е наша заедничка одговорност“ дополнува Ристески.

Веста дека заменик-министерот за економија добил пари за оштета беше објавена во медиум кој, како доказ, приложил документ со името на заменик-министерот. Според медиумот, овој документ ја потврдува веродостојноста на веста која беше пласирана во јавноста.

Инаку, во многу општини низ Македонија, вклучувајќи ја и Прилеп, значително се зголемиле сумите исплатени за каснување од кучиња. Според податоците добиени преку барање за пристап до информации од јавен карактер, Општина Прилеп исплатила 590.056 денари во 2021 година, со драстично зголемување во следните години, каде во 2022 и 2023 година се исплатени по нешто повеќе од 2 милиони денари. Меѓутоа, рекордер е минатата 2024 година со 7,2 милиони денари за оштети поради каснување од улично куче.

Слични содржини