Ристески за блокадата на Собранието: Ќе дојдам на работното место, ги поддржувам работниците

-Наш приоритет како политичка партија, како Влада, како пратеници од владејачкото мнозинство, е економскиот развој и подобрување на животот на граѓаните и секако повисоки плати што и тоа го докажавме на дело, не само на зборови, рече пратеникот

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Принтскрин

Го почитуваме правото на протест на сите. Наша обврска е да се јавиме на работното место и ќе бидам присутен, вели пратеникот Петар Ристески за денешните блокади на Собранието од страна на ССМ и барањето за минималец од 600 евра.

Тој вели дека ја прифаќа пораката на синдикатите и дека ги поддржува работниците во своите барања.

„Наш приоритет како политичка партија, како Влада, како пратеници од владејачкото мнозинство, е економскиот развој и подобрување на животот на граѓаните и секако повисоки плати што и тоа го докажавме на дело, не само на зборови. Тоа беше и наше предизборно ветување и секаде онаму каде што се појавува Владата како работодавец, зголемени се платите, во здравството, во образованието, 10% повеќе во МВР, кај социјалните работници“, рече Ристески во емисијата „Само вистина“.

Од ССМ велат дека со блокадата ќе биде испратена порака до пратениците дека тие се оние кои го блокираат законот за зголемување на минималната плата повеќе од една година и кои не сакаат да ја прифатат иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати.

Според претседателот на Собранието Африм Гаши, законодавниот дом денеска ќе работи паралелно со протестот на ССМ. Очекува протестот да помине мирно, а ќе нема дополнително обезбедување на објектот.